„Бев сама“ – со „ПичПрич“ почнува фестивалот „Прво па женско“

Единаесеттото издание на Фестивалот за промоција на феминистичка култура „Прво па женско“, годинава ќе започне со „ПичПрич“ на тема „Бев сама“.

Првиот настан од фестивалот ќе се одржи на 6 април, четврток, во Кино Фросина (МКЦ) со почеток во 20 часот.

Организаторките истакнуваат дека „ПичПрич“, ќе отвори простор за актуелните теми поврзани со положбата на жените во земјава и регионот, со оглед на неодамнешниот наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот.

„Токму затоа оваа година темата е ‘Бев сама’ за да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување“, велат од „ТииитИнк!“.

Оттаму додаваат дека според авторскиот концепт на Ана Василева и Румена Бужаровска, „ПичПрич“ ја промовира женската усна историја, нормализирајќи ги женските искуства и преземајќи го јавниот простор.

Гостите раскажувачки на ова издание ќе бидат дополнително објавени.

По настаниот ќе следува диџеј сет на Diah во бифето на Фросина, а билетите се достапни на билетарницата на МКЦ и онлајн  по цена од 200 денари.