Вест Хем ја краде големата желба на Ливерпул, „црвените“ мора да одат на „план Ц“

Потрагата по наследник на Јирген Клоп се чини крајно компликувана за челниците на Ливерпул, кои најпрвин не успеаја да го убедат Чаби Алонсо да се врати на „Енфилд роуд“, a се искомпликуваа и преговорите со Рубин Аморим, кој важеше за „план Б“ на трофејниот англиски клуб.

Првата рунда разговори меѓу Ливерпул и Аморим минала во позитивна атмосфера, но Португалецот веќе два пати демантираше дека е постигнат договор, а последните информации говорат дека Аморим е многу далеку од „Енфилд“. Тој сериозно размислува да остане во Спортинг, а доколку се реши да замине во странство, сериозен ривал на Ливерпул ќе биде Вест Хем. „Чеканите“ со реномето се далеку под гигантот од „Енфилд“, но токму тоа би му овозможило на Португалецот да работи во нова земја без дополнителен притисок, нешто со што сигурно би се соочувал доколку се согласи да го наследи Јирген Клоп.

Британските медиуми информираат дека Ливерпул е подготвен да го насочи целосно своето внимание кон Роберто де Зерби, италијанскиот стручњак кој важеше за трета опција на листата со желби кога Клоп го објави заминувањето. Атрактивниот фудбал на кој инсистира овој стратег го правил идеален кандидат, заедно со фактот дека е тренер кој не инсистира на скапи засилувања, туку знае да го извлече максимумот од групата што ја има на располагање.

За Де Зерби се интересираше и Баерн Минхен, но откако баварскиот гигант го олади интересот за овој стручњак, сега Ливерпул важи за голем фаворит за потпис на актуелниот стратег на Брајтон.

Се вчитува...