Обработени 100% од гласовите: Силјановска надмина 40 отсто, Таравари и Димитриевски се изедначија

од Nikola Popovski

Државната изборна комисија ги објави првите неофицијални резултати по пребројани 100 отсто од гласовите на вчерашниот прв круг од претседателските избори. Најмногу гласови освои кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова 363.086 или 40,08%, пред Стево Пендаровски од СДСМ со 180.500 или 19,92% од гласовите. Двајцата кандидати продолжуваат во вториот круг од изборите.

По нив следува Бујар Османи со 121.088 гласови. Интересно е по кандидатот на ДУИ, четвртото место го делат кандидатот на ВЛЕН, Арбен Таравари и лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Разликата меѓу двајцата е само 37 гласови, односно гостиварскиот градоначалник има 83.393, а кумановскиот 83.856 гласови.

На шесто место е Билјана Ванковска од Левица со 41.331 гласови, а последен е Стевче Јакимовски со само 8.121, иако претходно за речиси една недела ги собра неопходните 10 илјади гласови за кандидатурата.

Одѕивот на првиот круг од претседателските избори е над 48 проценти.

За попладнево е најавена седница на ДИК за конечните резултати.

Овие претседателски избори се седми по ред на кои граѓани непосредно го бираат шефот на државата.

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.

Слични содржини