Османи: Неприфаќањето на францускиот предлог ќе значи бесперспективност, кризи, меѓуетнички тензии…

Предлогот доставен од француското претседателство со ЕУ е добар, ни го отвора патот и ни овозможува да го фатиме последниот воз за ЕУ, смета министерот за надворешни работи Бујар Османи. Неприфаќањето на предлогот, пак, носи ризици за бесперспективност, кризи, меѓуетнички тензии и „заглавување во балканската кал“, предупреди шефот на дипломатијата, според кого ова е време кога треба да се донесат „државнички одлуки“ за идните генерации.

„Веќе почнаа официјално да се отвораат теми за нови унии, за нова политичка унија. Ако сега ние не почнеме, Албанија ќе почне со преговорите, ние ќе останеме, Бугарија оди на избори. Со таквите анкети најверојатно нема да има влада во наредните година-две, ова прашање ќе заглави во наредните години и години. Тука ние ќе имплодираме од сите кризи можни коишто ќе се појават од немањето перспектива. Луѓето ќе почнат да се решаваат конечно да бегаат од овде затоа што имаат семејства кои сѐ уште се надеваат дека ќе бидат добро, дека ќе има европска перспектива, ги задржуваат децата овде, не земаат странски пасоши. Ако ние кажеме не, ако Албанија ги почне преговорите, ако народот сфати дека нема иднина, верувајте дека илјадници ќе почнат да земаат пасоши од соседството, илјадници ќе донесат одлука да заминат и да ја напуштат државата затоа што нема иднина“, истакна Османи на брифинг со новинарите.

Во тој случај, смета Османи, ќе има и меѓуетнички тензии, „ќе почнат тензии меѓу различните категории граѓани“, но и, како што вели, ќе ја имаме најтешката година оваа зима со енергијата, со храната, поради глобалната криза…

„И во услови кога светот е во војна ние да зборуваме за лажни интерпретации дека некој ќе нѐ бугаризира, кога од нас зависи… Никој не може нас да нѐ натера да прифатиме нешто, во никоја форма за што било. Мислам дека ќе биде неодговорно и е срамно за вакви прашања да се води пак иста политика за некој да стане министер или премиер. Цел политички капитал сме внеле во ова прашање и на сметка апсолутно и на нашите кариери и на нашите политички партии. Но, ова се времиња во кои државници одлучуваат“, рече Османи.

Според него, има разлика помеѓу „политичар“ и „државник“ – политичарот мисли само за наредни избори, а државникот за наредни генерации.

„Ова се времиња кога треба да се донесат државнички одлуки за наредните генерации“, потенцира тој.

Според Османи, неприфаќањето на модификуваниот француски предлог значи и „одбивање на можноста прашањето на македонскиот јазик да се затвори еднаш и засекогаш“, заглавување во балканската кал со сите можни последици овде, и губење засекогаш на перспективата за ЕУ.

„Така што, јас, затоа, со сите овие аргументи, не само мои, со експерти од МНР коишто беа дел од овој дел, коишто никогаш не биле партиски ориентирани, биле блиски со министри од сите влади, шефови на кабинети од министри на влади на ВМРО, никогаш не сум видел кој, што, каков е. Сите едногласно велат – ова мора да се прифати затоа што ги имаме нашите позиции овде, затоа што ако го одбиеме тогаш ние мора да ставиме црта на нашите европски перспективи засекогаш. А нема овде ризик којшто може да нѐ натера да направиме нешто. И да ја завршам тука реченицата – логиката од страв да не нѐ блокираат да останеме блокирани во наредните децении е патолошка“, тврди Османи.

- Реклама -