ДИК: Силјановска 39,97%, Пендаровски 19,90%, Османи 13,66%

од Nikola Popovski

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски на денешната последна прес-конференција на полноќ, информираше дека ги имаат обработено 90% од вкупните изборни резултати.

Од 3156 избирачки места од кои пристигнале податоци, кандидатот Стево Пендаровски има 161.393 гласови односно 19,90%. Гордана Силјановска-Давкова 324.177 односно 39,97% од гласовите. Стевче Јакимовски 7499 односно 0,92%, Бујар Османи 110.903 односно 13,66% од гласовите, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43%, Арбен Таравари 78.110 односно 9,63% и Максим Димитриевски 70.996 односно 8,75%.

Околу изборниот процес, најголема излезност е забележана во Новаци од 71,07%, додека најмала во Центар Жупа 16,90%.

Тој најави дека се продолжило гласањето на местата каде што било прекинато повеќе од еден час. Станува збор за по едно место во Демир Хисар, Липково, Делчево и Могила.

-Генералната оценка е дека изборите поминаа мирно, во една фер и демократска атмосфера. Дополнително ќе ги видиме записниците, а потоа и приговорите и жалбите што треба да пристигнат од партиите. Утре ќе имаме прес-конференција најверојатно на пладне. Ова за нас почна пред 14 февруари кога се распишаа изборите, кажа Даштевски на прес-конференцијата.

Слични содржини