Новиот шампион добро ќе се „опари“: Најдобриот играч го купи за 200.000 евра, сега може да го продаде за над 100 милиони

Флоријан Вирц е апсолутен хит на германскиот шампионат оваа сезона. Покрај тоа што му донесе трофеј на Баер Леверкузен, Германецот едноставно блеска во дресот на „фармацевтите“, и во 41 натпревар во сите категории, има 17 голови и 18 асистенции. Има само 20 години, а за него веќе почна битката на големите клубови.

Интересно е тоа што Вирц беше купен од Леверкузен во 2018 година. На 16 годишна возраст Келн му го продаде за 200.000 евра. Тогаш новиот шампион ризикуваше, а сега ќе му се врати повеќекратно.

Според најновите „математики“, Вирц во моментов има вредност од 120 милиони евра, а нема да биде чудно ако некој извади и повеќе и го добие потписот на актуелниот германски репрезентативец. На Баер Леверкузен му оди во прилог и тоа што Вирц има уште три години од договорот, односно до 2027, па Леверкузен добро ќе се „опари“ од неговиот трансфер, се разбира ако се одлучи да го продаде.

Баерн Минхен е прв фаворит за неговиот потпис, и по проверен рецепт – ако не можеш да ги победиш, ослаби ги. Но, прашање е колку доскорашниот првак ќе си дозволи да одвои толку пари. Ако се случи тоа, тогаш ќе биде најскапиот трансфер во историјата. А, имајќи го предвид минатото (Балак, Крос), нема да биде изненадување ако Вирц го одбере Минхен за негова следна дестинација.

Се вчитува...