Во Романија илегално влегле 11.000 Украинци за да избегнат регрутирање

Од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година, околу 11.000 Украинци незаконски ја преминале границата со соседна Романија за да избегнат да бидат повикани во војска, соопшти романската гранична полиција.

По преминувањето на границата, мажите на возраст од 18 до 60 години обично бараат заштита од романските власти, посочува Флорин Коман, началник на граничната полиција во градот Сигету Марматиеи, кој се наоѓа близу северната граница на Романија со Украина.

Коман соопшти и дека досега вкупно 19 мажи загинале обидувајќи се да ја преминат границата. Од нив, 11 се удавиле во реката Тиса што ги дели двете земји, додека останатите загинале обидувајќи се да ги преминат Карпатите во Романија без соодветна опрема.

Началникот констатираше и дека бранот бегалци од Украина се намалил во текот на 2023 година, но од почетокот на оваа година повторно се зголемува.

Украина во април усвои закон за воена мобилизација со цел да го зголеми бројот на војници во војската.

Тој закон ги обврзува Украинците, на возраст меѓу 18 и 60 години, да ги информираат воените власти за нивните лични податоци за да можат полесно канцелариите за регрутирање да видат кој во кој регион може да се мобилизира.

Украина, исто така, ги ограничи и конзуларните услуги во своите дипломатски претставништва за мажи кои се во старосната група која може да служи војска, но се наоѓаат во странство.