И покрај траумата што ја преживеа македонското општество со случајот со масовното незаконско прислушување, речиси и да не постои надзор врз безбедносно-разузнавачката заедница од невладините организации, академската заедница и медиумите
Дел од соговорниците во сторијата на „360 степени“ сметаат дека неформалниот граѓански надзор кај нас е крајно ограничен поради страв, неинформираност и непознавање на областа. Што и како може да се смени?
Александар Стојановски е дел од тимот на „Евротинк“ – невладина организација која доби шанса да ги набљудува институциите чија работа, меѓу другото, е да следат луѓе, комуникации и информации.
„’Евротинк’ има уникатна можност да биде една од неколкуте граѓански организации коишто беа номинирани да учествуваат во ад хок телото за реформа на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, според препораките на доктор Раинхард Прибе, коишто имаа за цел да помогнат во одзаробување на државата преку реформа на една од клучните институции во безбедносно-разузнавачкиот апарат и таму имавме свои претставници“,
вели Стојановски.
По донесувањето на реформските закони, „Евротинк“ сега работи на нивно спроведување во делот на зближување на граѓанскиот сектор со безбедносно-разузнавачките институции и подобрување на нивната комуникација. Прават анкети, анализи и истражувања, а ја ставаат на располагање и својата експертиза. Сето ова, во поширока смисла, спаѓа во граѓански надзор врз безбедносно-разузнавачката заедница.
Oва се само дел од алатките што му стојат на располагање на граѓанскиот сектор. Tоа може да се прави, на пример, и со консултации при носење закони поврзани со безбедносниот сектор, онлајн кампањи, кампањи за застапување, мобилизирање и информирање на јавноста.
Стојановски објаснува дека надзорот што тие сега го прават е различен од формалниот, односно институционалниот надзор. Формален надзор, потсетува, прават пратениците преку собраниските комисии и Советот за граѓански надзор, кој патем сѐ уште не функционира.
„Граѓански надзор врз безбедносно-разузнавачката заедница, исто така би требало да се одвива паралелно преку интерес и активности коишто ги иницираат невладини организации, академска заедница, медиуми итн. Овој надзор е неформален по природа. Како таков нема некоја форма или систематизација како да се одвива и со тоа не постојат правила на што ќе биде насочен овој поширок надзор од страна на граѓанското општество“,
вели Стојановски.
Тој смета дека неформалниот граѓански надзор кај нас е крајно ограничен или речиси и да не постои што, според него, најчесто се должи на страв, неинформираност и непознавање на областа.
„Оттука, надзорот врз безбедносно-разузнавачката заедница, во поширока смисла, е од голема важност, односно постоењето на своевиден еко-систем на засегнати невладини организации, медиуми и академска заедница кои ќе го следат работењето и тековите коишто се поврзани со безбедносно-разузнавачките прашања е многу важен. Како што спомав, особено во нашето општество заздравувањето од последиците коишто беа створени од злоупотребата на тајните служби, на што бевме сведоци, ќе трае уште некој период“,
додава тој.
Самет Шабани од здружението „Хоризонт цивитас“ смета дека граѓанскиот надзор може да се засили со зајакнување на комуникацијата со безбедносните институции и нивна поголема отвореност.
„Со позајакната комуникација и координација сметам дека уште подобро ќе биде перцепирана улогата на самите тие безбедносни структури во пошироко ниво на општеството каде што нема да се перцепираат како злоупотребувачи на моќ коишто не ги фаворизираат правата и слободите на граѓаните, туку напротив им носат некои проблеми. Таа перцепција ќе може да се смени токму со такви координации и заеднички активности меѓу самите граѓански организации и безбедносните структури“,
смета Шабани.
Неформалниот надзор може да се прави од различни перспективи, како на пример од родова. Северна Македонија е потписничка на меѓународни конвенции кои гарантираат еднакви можности и услови за работа на мажите и жените, но спроведувањето на тие документи треба да се следи.
„Секако многу важно е да се направи една родова анализа на сите политики, на сите програми и документи коишто се носат во секторот, да се види дали тие соодвествуваат и ги адресираат потребите и интересите на мажите и на жените. Исто така многу е важно да се прави анализа и на буџетот односно буџетот во одбраната и во безбедноста да биде родово одговорен и да ги адресира потребите на различните групи граѓани“,
смета Даниела Антоновска – експертка за родови прашања.
Антоновска напоменува дека граѓанските организации, посебно оние што се занимаваат со родови прашања, се соочуваат со предизвици и проблеми при вршењето на ваквиот надзор.
„Голем дел од од женските невладини организации имаат експертиза за родовите прашања меѓутоа немаат експертиза во оној друг дел, а тоа е секторот безбедност и секторот одбрана коишто се сами по себе доста специфични. Додека, пак, невладините организации коишто работат во делот на безбедноста и на одбраната, а нив ги има неколку на број во државата, тие, пак, немаат експерти за родовите прашања. Така што во овој поглед нам ни треба еден комбиниран пристап – вклучување на родовите прашања но и поспецифични знаења од областа на безбедноста и одбраната“,
додава таа.
Покрај невладиниот сектор, во поширокиот неформален надзор врз безбедносно-разузнавачките служби е вклучена и академската заедница. Универзитетскиот професор Ице Илијевски смета дека јавното надгледување на работата на овие институции и барањето одговорност, транспарентност и отчетност води кон заштита на основните вредности на едно демократско општество.
„Академскиот кадар зема учество преку презентирање на одредени наоди и заклучоци од сопствени истражувачки зафати. Конкретно јас имам објавено, односно публикувано, неколку трудови коишто се однесуваат на ефикасноста на граѓанскиот надзор и одредени компаративни искуства односно добри практики коишто можат да се земат предвид при одредени измени и дополнувања на моменталните законски решенија. Она што сметам дека е потребно е поголемо и посеопфатно истражување на овие аспекти бидејќи сепак станува збор една специфична и една чуствителна материја, а за таа цел е потребно да се обезбедат односно да имаме подобрување на условите за работа и вложување во научните и истражувачките капацитети на високообразовните институции“,
смета Илијевски.
Освен во неформалниот надзор, професор Илијевски е вклучен и во формалниот надзор над безбедносно-разузнавачките служби, како член на Советот за граѓански надзор. Но, ова тело, практично, не функционира, бидејќи доби само простории од Собранието, а нема согласност кој треба да ги обезбеди останатите материјално-технички услови.
„Нефункционирањето на Советот за граѓански надзор го попречува правото на граѓаните да поднесат претставка односно барање до Советот за граѓански надзор за да провери дали нивниот телефонски број е или бил незаконски следен што и законот за следење на комуникации го превидува“,
додава тој.
Улогата на медиумите во неформалниот надзор е клучна посебно како инструмент за откривање случаи на лошо и несоодветно управување со безбедносниот сектор. Новинарот Миомир Серафиновиќ смета дека една од причините што работењето на безбедносно-разузнавачките институции е малку застапено во медиумите е што јавноста го изгубила интересот за оваа тема. Редакциите, пак, имаат намален капацитет за обработка на вакви теми.
„Би требало повеќе да се вложи и во медиумите и во институциите на таа задача за транспарентност на безбедносно-разузнавачката заедница. Институциите пред сѐ да обезбедат луѓе кои би биле обучени односно би имале соодветни знаења од таа сфера меѓутоа би имале и знаења како тоа да се презентира во јавноста односно што треба да се скрие, а што не треба да се скрие. Да имаат активен однос кон јавноста. Кај медиумите би требало повеќе новинари, не стрикно таа тема да ја следат ако нема можност, меѓутоа да има определна структура на луѓе кои би ги следеле и кои би се обучувале за тоа, односно, кои би ги следеле сите активности, сите новости и сите потреби“,
вели тој.
Овие независни актери – невладиниот сектор, медиумите и академската заедница, освен што ја надополнуваат работата на институциите задолжени за официјалниот надзор над безбедносно-разузнавачкиот сектор, се и линк меѓу официјалните безбедносни институции, политики и процеси и граѓанските реалности и потреби. Целта е да се обезбеди вклучување на интересите и перспективите на пошироката заедница, но и поголема поддршка на институциите во реформирање и демократизација на безбедносно-разузнавачкиот сектор со цел подобрување на квалитетот на безбедносните практики.
Нашите соговорници велат дека неформалниот надзор е одлика на напредните демократии. А, таква, барем декларативно, претендира да биде и Северна Македонија.