13 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА 26-ГОДИШНИКОТ ОД ВИНИЧАНИ КОЈ СО КОЛА ГО ПРЕГАЗИ СОСЕДОТ

    13 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА 26-ГОДИШНИКОТ ОД ВИНИЧАНИ КОЈ СО КОЛА ГО ПРЕГАЗИ СОСЕДОТНастанот се случи лани на 19 јули, околу 15 часот по расправија поради водоводна цевка; - Судот во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Саше Крстев (26) од село Виничани е неправосилно осуден на 13 години затвор за кривичното дело убиство. Судијата Шефшет Адеми, како претседател на Кривичниот совет, донел одлука и ја потврдил правната квалификација на ОЈО Велес за убиство, додека одбраната сметаше дека Крстев сторил сообраќајна несреќа со смртни последици.

    „Со ниту едно дејствие приложено како доказ, обвинетиот не презел акција на кочење со автомобилот кога го удрил сега покојниот. Од здобиените повреди тој починал на лице место“, кажа судијата Адеми, образложувајќи ја одлуката.

    Настанот се случи лани на 19 јули околу 15 часот, кога по расправија поради водоводна цевка на сега починатиот Ангел Цековски (43) и таткото на Саше, тој со автомобил марка „фиат панда“ налетал директно на Ангел и го усмртил на лице место.

    „Обвинетиот го насочил возилото, не закочил и директно удрил во сега покојниот Цековски. Во моментот кога го сторил делото, бил пресметлив. Намерата да го лиши од живот починатиот била јасна, бидејќи завртил кон лево за да га избегне татка си и го удира Ангел“, кажа обвинителката Анастасија Миланова.

    „Се вратив од работа во 14,30 часот, ручав и мајка ми ми даде пари за да одам до Градско и да купам  водоводна цевка за во поле. Кога тргнав по улицата, после 15 метри ги здогледав сега покојниот Ангел и Гоце како со дрво во рацете стојат над татко ми. Сите тројца беа среде улица, која е широка околу 3-3,5 метри. Се уплашив и со автомобилот свртев лево, бев во паника. Тој момент со десната страна од автомобилот го удрив Ангел. Како дојде до сето тоа не знам.  Од десната страна на патот има брег, а од левата ограда од семејна куќа. Немав намера да го лишам од живот, ниту постоеше причина да го сторам тоа. Не знаев што претходно се случувало“, кажа во своја одбрана Крстев.

    Неговите брантелите, адвокатите Коста Нојков и Борче Стојанов, најавија жалба на пресудата.

    „Во обвинението пишува дека делото е сторено со многу голема брзина, која никаде не е прецизирана, конкректизирана.  Вештакот вели дека обвинетиот возел со 80 километри на час. Како е можно да се постигне таа брзина, на улица која е со бехатон подлога,  на кратко растојание од дома, со возило ‘фиат панда’?“, рече адвокатот Борче Стојанов.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира