Цените на нафтата растат

302

Вчера утрото цената на нафтата WTI, репер за американскиот пазар, беше 78,01 долар, а нафтата брент 83,55 долари за барел, објави Oil Price.

Цените на нафтата останаа над 82 долари на меѓународните пазари во петокот, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од податоците од американската економија и најавија стимулации во Кина.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше речиси непроменета и изнесуваше 82,36 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше за 58 центи пониско, по 76,78 долари, пренесува Мина.

Трговците беа охрабрени во четвртокот од податоците на американското Министерство за трговија, кои покажаа стабилен економски раст на крајот на минатата година, отфрлајќи ги стравувањата од нагло забавување.

Поддршка на расположението е и најавените мерки за зајакнување на ликвидноста во Кина. Централната банка ќе го намали коефициентот на задолжителната резерва на заемодавачите за половина процентен поен од почетокот на февруари, што би требало да стави на располагање милијарди јуани на економијата.

Пазарите будно ги следат и тензиите во Црвеното Море. Неименувани извори тврдат дека кинеските власти побарале од Иран да помогне да се запрат нападите на јеменското движење Ансар Алах врз бродовите поврзани со Израел во Црвеното Море.