„Неименувана“ – изложба на современи бајки за хероини од македонската историја

Неформалната иницијатива за култура, „Дума ин Сума“ составена од компаратистките Марија Бошковска, Ивана Смилевска и визуелниот уметник Дарко Алексовски организира изложба на современи бајки напишани од средношколки на работилницата за креативно пишување што иницијативата ја организираше во јануари годинава.

Изложбата ќе се одржи на 17 април (среда) во КСП Центар Јадро со почеток во 19 часот.

„Десет средношколки се запознаа со бајки од цел свет, но и мимовите, активизмот и не-толку-познатата македонска, женска историја. Присутните ќе имаат можност ги прочитаат современите бајки напишани од учесничките посветени на партизанката Вера Јоциќ, архитектката Мимоза Несторова Томиќ, режисерката Билјана Гарванлиева, уредничката на списанието „Македонка“ – Веселинка Малинска и на партизанката Мара Нацева – Анка“, велат од „Дума ин Сума“.

На изложбата ќе бидат поставени текстуални инсталации посветени на хероините, кои визуелно ги уреди уметникот Дарко Алексовски, а ќе бидат достапни и примероци од мини фанзини кои ги содржат бајките од младите авторки.

„По изложбата, текстуалните инсталации ќе бидат подарени на соодветни институции за култура и образование, соодветна според дејствувањето на секоја од хероините“, велат од иницијативата.

Текстуалната инсталација за Јоциќ ќе биде поставена во истоименото скопско основно училиште, инсталацијата за Несторова Томиќ во Музејот на Македонија, што е воедно една од ретките останати градби кои ги конструирала таа, а текстуалната инсталација за режисерката Гарванлиева ќе може да се види во Кинотеката на Северна Македонија.

Инсталацијата за уредничката на списанието Македонка ќе биде поставена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, додека инсталацијата за Мара Нацева – Анка ќе биде поставена во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
Текстуалните инсталации преку QR кодови ќе водат до целосните верзии на бајките, кои ќе се достапни и онлајн.

Идејата зад работилницата и изложбата е популаризацијата на активностите вршени од македонските хероини низ историјата, кои иако подеднакво важни, не се подеднакво застапени во формалното образование.

За време на петдневната работилница за креативно пишување со млади, која се одржа во „Лабораториум“, велат од „Дума ин Сума“, учесничките имаа можност да откријат што е заедничко за Заспаната убавица и Марко Цепенков, од каде потекнува Пепелашка, но и македонски хероини кои со својот пркос придонеле кон едукативен, ослободителен и емпатичен развој во локален контекст.

На работилницата буричкавме низ литературната светска и домашна историја, како и низ ќошињата на интернетот, барајќи ги сличностите и различностите на женското искуство преку фолклорните приказни и неименуваните автор(к)и на мимови и интернет содржини. Во тоа ни помогнаа гостин-менторите Дарко Алексовски и Хана Чурак (БиХ), администраторката на феминистичката платформа „Sve su to vjeshtice“ и „Тиииит! инк.“, велат од неформалната иницијатива.