Search
„Трн“ во Битола

„Јагода“ – бренд изграден со многу љубов и одлична музика

Клубот „Јагода“ со години наназад е синоним за битолската клупска сцена и е етаблирана „битолска институција“ на Широк Сокак, во која има место и за домашните и за странските артисти од светот на електронската музика. Приказната започнува пред 10 години и постојано расте. „Јагода“ е бренд што изграден со дружење, љубов и добра музика пред се. Приказна за неколку другари кои во родниот град започнуваат свој бизнис и со многу труд и упорност, докажуваат дека дома е најдобро.

– Со Савиќ бевме во Скопје во некој ракија бар и сакавме таа идеја да ја пренесема во битолската чаршија и да го заживееме пазарот и чаршијата. Арно ама, кога баравме дуќани ни кажаа дека на Широк Сокак е слободен токму овој дуќан кој се викаше „Јагода“ и дека можеме да го разработиме. А, дуќанот е стар можеби повеќе од 50 години. Бил слаткарница, самопослуга, повеќе работи. И отсекогаш си го носело тоа традиционално име „Јагода“. И сега ние битолчани си сакаме да си ги почитуваме нашите зборови, е сега да не се вика Инфинити или не знам како, сакавме да си биде оргинално да си остане името „Јагода“. И така почнавме, си го најдовме дуќанот и почнавме да работиме и почнавме од нула да си работиме – вели Џони, еден од сопствениците на „Јагода“.

На прашањето што се има „Јагода“ денес, дечките велат едноставно: верни посетители пред се, луѓе што веруваат во тоа што клубот го работи. Луѓе кои ги посетуваат и ги поддржуваат. Оние кои знаат дека тоа што го работат е нешто добро и нешто што вреди да го посетат.

-Имаме ноќен клуб што е една од подобрите работи што можам да ја кажам за Битола. Пред се за електронска музика. Имаме прекрасна култура со луѓе што ја сакаат таа музика, ја работат и за нив најмногу вреди да го работиме тоа што го работиме – вели Никола Савиќ, еден од сопствениците на локалот.

„Јагода“ работи и во делот на летните фестивали. Една од работите што сакаат да ги направат со музиката, е да ги донесат сите музичари кои се во регионот, почнувајќи од Бугарија, потоа Грција, Србија и Албанија.

-Сакаме да донесеме сè што е квалитетно за да можат луѓето овде да слушнат добра и квалитетна музика и да не треба да живееш во некоја метропола за да слушнеш некој добар звук. Ако успееме тоа да го направиме и во секое село, ќе биде уште подобро, успат и да ги убедиме да не фрлаат ѓубре во реките. Тоа е тоа, мислам, што ќе биде победа за сите- вели Савиќ.

Концептот на клубот потсетува на 90-тите години кога електронската музика на  светски познатите артисти и изведувачи се слушаше на скопско сајмиште.

-Концептот на нашиот клуб е баш како на саем. Значи си плаќаш за музичарот, влегуваш, имаш денс флор, немаш сепариња, немаш ништо, имаш шанк на страна кај што можеш да си земеш пијачка и живееш во музиката. И сите што идат гости кај нас музичари, од Скопје, од Белград, од цел свет, баш тоа најмногу им се допаѓа затоа што гледаат тука некаков андерграунд, гледаат материјали, гледаат зграда стара 100 години и гледаат добар звук. И тоа тие што се вистински уметници и што навистина сакаат музика, тоа го почитуваат. Ми се има случено, пријатели мои од Скопје баш да речат, како да направиме копи пасте на овој клуб во Скопје. Се смеам, зошто? Па не вративте во детството кога правевме музика, во 90-те. И таа е вистината. Концептот на нашиот клуб е таков. Значи немаме сепариња, немаме салфетки да порачуваме музика. Ова е стејџ кај што се ужива во музиката и се игра пред сè- вели Џони.

И токму тој концепт ја направи „Јагода“ своевиден дом на електронската музика во Битола. Градот кој денес гради независна музичка сцена на која може да и позавиди секоја метропола.

Најново

Последни колумни