Новоизбраната претседателка на Македонија: Гордана Силјановска-Давкова / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кога никој не очекува, Македонија ќе изненади. Така беше и овој пат со одзивот на изборите и конечно со изборот на првата жена претседател на современа Македонија, пред која се наоѓаат многу предизвици, како етничките поделби, лошата економска состојба, паднатиот меѓународен углед, отворените прашања со соседите, геополитичките предизвици

ИСПИШАНА НОВА СВЕТЛА СТРАНИЦА ВО НАЦИОНАЛНАТА ИСТОРИЈА

Тоа е Македонија – ќе те изненади на многу начини кога не се надеваш. Слободни и фер избори (со многу фалинки што мора да се исправаат), со солиден одзив на гласачите, со нагласен бојкот на поддржувачите на некои партии – и избор! Македонија го доби шестиот претседател на државата од самостојноста, и тоа жена, нешто со што се испишува историја и што треба како нација да нѐ прави горди. Оти во многу делови на светот, па и кај нас, политиката се смета за машка работа.

Широкиот интелектуален и професионален габарит на проф. Гордана Силјановска

Проф. д-р (во многу земји титулите се запишани и во личните документи) Гордана Силјановска-Давкова со изборот за шести претседател на Република Македонија урна уште една табу-тема, дека народот гласа и за жена претседател, која не е член на партијата што ја предложила, што е уште една причина како нација да си честитаме. Овој пат нема да ги анализираме парламентарните избори, нека се крчка новиот владин кабинет, овој пат ќе се занимаваме со „ликот и делото“ на шефот на државата и врховен командант на оружените сили. Ќе се согласите, тоа не е мала работа, иако политички дилетанти претпочитаат да кажат дека претседателот има церемонијална улога, дека тој бил „англиска кралица“. А, англиската кралица, сега кралот, има толкава моќ, влијание и глобална важност, што таква споредба е далеку од соодветна. На пример, премиерите на земјите што се под круната (Комонвелтот) ѝ даваат заклетва на таа кралица, значи сега на Чарлс Трети, црквата му дава заклетва дека тој е суверен и му се потчинува, има свои пратеници во Парламентот и свои гувернери во земјите на Комонвелтот…

ОД ИСТОРИСКАТА 1991 ДО ИСТОРИСКАТА 2024 ГОДИНА

Еден краток историски пресек кој беше претседател на државата досега. Политичарот ветеран Киро Глигоров е првиот претседател на модерна и независна Македонија, кој функцијата ја извршуваше два мандата едноподруго, од 1991 до 1999 година. Неговиот мандат беше многу бурен пред сѐ затоа што земјата не беше меѓународна признаена. Во неговиот мандат Македонија беше примена во ООН со референцата „поранешна југословенска Република Македонија“, иако целокупната документација што беше депонирана во Њујорк беше со уставното и историско име Република Македонија. Тој практикуваше надворешна политика на еквидистанца кон соседите. Во 1995 година преживеа атентат, кој му остави доживотни телесни повреди. Во наследство го остави неговото епитафно мото „Македонија е сѐ што имаме“. Некои негови сопартијци потоа тоа мото едноставно го фрлија на буниште, како безвредна книга, наместо да го почитуваат и да го чуваат тоа наследство.
На претседателските избори во 1999 година победи Борис Трајковски, харизматичен лидер, кој беше и претседател и врховен командант во турбулентните години кога НАТО ја бомбардираше Србија, а Македонија се најде под притисок да прими повеќе од 400.000 бегалци од Косово. Се покажа како политичар со интегритет, но и како хуманист. Беше растрчан низ светот, во ООН во Женева имаше драматично обраќање за состојбите во нашиот регион. Трагично загина во авионска несреќа со осум члена на неговиот кабинет и соработници.
По двата премиерски мандата на предвремените претседателски избори поради смртта на Трајковски, на изборите во 2004 година победи долгогодишниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. Неговиот мандат заврши во 2009 година и тогаш јавноста зборуваше дека го добивме најмладиот пензионер. Токму поради бенефициите што законски им следуваат на поранешните претседатели. Долги години имаше цврст став за двојната формула за името (новото име да важи само за Грција). По пензионирањето речиси целосно се повлече од јавниот и од политичкиот живот. Четврти претседател беше проф. д-р Ѓорге Иванов, кој, како и Глигоров, врза два последователни мандата. Не се колебаше историската вистина за Македонија да ја кажува и во Генералното собрание на ООН. Неговата Школа за млади лидери беше меѓународно позната. На домашен терен непристојно и неаргументирано омаловажуван.
Уште еден професор, а поранешен советник во кабинетот на Трајковски, стана претседател – Стево Пендаровски, избран во 2019 година. На денот на изборите изјави дека бил поразен од народот неговиот концепт за мултиетничка Македонија, нешто што ниту е јасно ниту е разбирливо каков е тој концепт. Ќе остане запаметен по ставањето потпис на неуставна промена на името на државата.

НАСЛЕДСТВОТО НА ПЕТТЕМИНА ПРЕТХОДНИЦИ

Од средата вечер Гордана Силјановска-Давкова е новата претседателка на Македонија, која кога ќе седне во претседателскиот кабинет на Водно, ќе го има и наследството на нејзините претходници. Секако дека таа нема да почне ништо од нула, ништо од ново. Многу нешта ќе имаат свој природен континуитет. Но многу нешта таа ќе ги почне како свои идеи и политики и нејзиниот личен габарит, знаење, искуство, талент, лични познанства и врски ќе го одредуваат нејзиниот мандат. Уставот јасно нормира кои се нејзините надлежности, но особеностите на личноста се тие што се многу пошироки од уставните граници. Првата изјава „јас ќе бидам претседателка на сите граѓани“ е одлична најава, иако знаеме дека тоа е тешко да се оствари и во многу силни демократии. Да ги земеме како пример САД, каде што речиси е невозможно моќниот претседател да ги надмине партиските разлики. Го гледаме правецот на нејзиното дејствување и тоа дава надеж, зашто е далеку од етноцентристичките позиции на повеќето наши лидери и не зборува за мултиетничкиот концепт на Пендаровски, кој е во конфликт со актите и на Советот на Европа и со тие на ОН, па дури и со духот на македонскиот Устав.
Но, да видиме како е во соседството, кај народите слични на нашиот менталитет. Српскиот претседател Александар Вучиќ е добар пример како политички лидер може да игра и дома и надвор со свои иницијативи и политичка доследност. Кинескиот претседател Си Џинпинг во Белград рече дека Вучиќ е лидер со визионерство, што е комплимент искажан од еден од најмоќните светски лидери, ако не и број еден во моментов. Бугарскиот колега Румен Радев првата „честитка“ ја испрати со закана – набрзо ќе видиме дали Македонија сака да стане членка на ЕУ. А таа во себе ја содржи пораката дека бугарската сила е во Брисел – ветото не го креваме ако не ги исполните нашите услови. Радев се повикува на копенхашките критериуми, арно ама тешко можеме да ги видиме нивните услови во таа рамка. Еве можност да се отвори прашањето за реципроцитет.
Покојниот Борис Трајковски имаше еден корисен принцип во надворешната политика да се потпре на личните пријателства. Така, на пример, во 2001 година, кога во Белата куќа на Џорџ Буш му ги однесе доказите за масакрите на УЧК, посета за која известував од Вашингтон, тој во Овалната канцеларија остана многу подолго од пропишаниот протокол. И двајцата претседатели ја пронајдоа нивната блискост како методисти. Потоа, со влијателниот полски политичар Александар Квашњевски приватно играше тенис. Нормално, во такви моменти се пласираат и прашања од национален интерес. Ја организираше Првата светска конференција на религиите. Простор за работа и иницијативи колку сакаш. Тој веруваше дека по скратен пат ќе влеземе во ЕУ. Но, не верувајте им секогаш на високите политичари во светот, затоа најдобар совет е да го имаш својот народ зад себе, но немој да го изневериш!

КАКО ЌЕ НÈ ГЛЕДА СВЕТОТ ЗАВИСИ И ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

Која е Македонија денес во светот, по што ја препознаваат? Па, тоа е земјата што си го смени името, а не доби ништо? Тоа значи слаба позиција, и таа мора да се поправа, и тоа на брза патека. Изгубивме од чист авантуризам и домашен политички клиентелизам многу пријатели, многу наши поддржувачи. Ја изгубивме и дијаспората.
Една заедничка црта на сите претходни претседатели е нивната партиска приврзаност. Трајковски во еден период се „откачи од синџирот“, на што премиерот Љупчо Георгиевски грубо коментираше дека се каел што го предложил и поддржал. Сега имаме нова ситуација – Силјановска-Давкова е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, таа беше нивен кандидат, но не е член на партијата. Ќе имаме многу интересна ситуација и по составот на нејзиниот кабинет ќе го мериме партиското влијание, доколку го има во некоја нагласена форма.
Значи, мора да ги промовираме надвор Македонија и нашиот модел, нашите вредности, а не она што сонуваме да ни биде вредност. Се знаеме кои сме и што сме. И чекаме претседател што будно ќе следи што се случува дома, но и во надворешната политика. Какви кадри испраќаме за дипломати и дали тие ја промовираат Македонија или некоја друга земја. Има и такви примери. Чекаме еден македонски претседател да им ја подаде раката и на Македонците во соседството и на Македонците во дијаспората, оти надвор сме побројни и помоќни оддома. Да учиме од нашите соседи дека заедно сме посилни. Не треба да одиме многу далеку –да ги земеме за пример Грците.


Права, должности, обврски во контекст на широката мисија на претседателот на државата

Според Уставот на Република Македонија, претседателот ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили. Тој го врачува мандатот за состав на Владата; ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и специјалните пратеници во странство; предлага двајца судии на Уставниот суд; предлага двајца членови на Судскиот совет; предлага гувернер на Народната банка; именува и разрешува директор на Агенцијата за разузнавање; поставува и разрешува началник на Генералштабот на армијата; именува тројца членови на Советот; доделува одликувања и признанија во согласност со закон; дава помилување во согласност со закон… Претседателот може да стави и вето на некој закон.
Ова се права и надлежности во согласност со Уставот, а рековме дека еден мандат ќе се проценува и по личните иницијативи. Така, за јавноста, за гласачите, останува прашањето што со Преспанската спогодба, со која се смени името на земјата и со еден лабораториски меѓународен договор се промени цела историја на една цивилизација и народ. Ќе се бори ли новиот претседател за тоа наследство и како? Ќе има ли поддршка за такво нешто од новата влада?
Што со Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, кој е исто така целосно асиметричен договор на штета на Македонија и нејзините граѓани? И ќе има ли поширока поддршка за такво нешто? На домашен терен – што за барањата на албанските политички партии, кои одат не само подалеку од нашиот Устав, во кој се вметнати клаузулите на Охридскиот договор, туку се директна закана за унитарноста на државата. Албанска банка, албанска академија… Сериозни прашања во сериозни геополитички превирања.

Христо Ивановски