Бизнис
Контрола на додатоците во исхраната, е дел од кампањата на EFSA „Safe2eat“ за безбедна храна
02.04.2025
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) повторно е дел од кампања „Safe2Eat“ насочена кон зголемување на довербата на потрошувачите за безбедноста на храната во Европската Унија и кај нас. Агенцијата во оваа кампања акцент ќе стави на темите кои се однесуваат на додатоците во исхраната, безбедното ракување со храна, здравствените тврдења и влијанието на храната врз здравјето на граѓаните.
Во петтата година од реализацијата на кампањата Агенцијата за безбедност на храната на Европската унија (EFSA) настојува на потрошувачите да им обезбеди јасни, научно поддржани факти за безбедноста на храната и совети со цел да им помогне да прават избор на храна како информирани потрошувачи. Годинава во кампањата „Safe2Eat 2025“ учествуваат 23 земји (Албанија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Финска, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Латвија, Луксембург, Црна Гора, Северна Македонија, Норвешка, Полска, Романија, Словачка, Шпанија и Турција).
Активностите поврзани со темите кои ги одбра АХВ во рамки на оваа кампања на EFSA, како што се наведува, ќе се реализираат во соработка со операторите, науката, стопанските и независната Лекарска комора и со претставници од невладиниот сектор. Во соработка со граѓаните како потрошувачи, согласно Акцискиот план на кампањата, ќе бидат направени неколку јавни анкети поврзани со прашањата кои се однесуваат на додатоците во исхраната, здравствените тврдења, безбедното и правилно ракување со храната и за влијанието на храната врз здравјето на потрошувачите. Резултатите од анкетите АХВ ќе ги сподели со македонските граѓани и со Европската агенција за безбедност на храната ( EFSA) за понатамошна евалуација.
- Како еден од најригорозните системи за безбедност на храна на глобално ниво, европскиот, поддржан од најсовремената наука, вклучува тесна соработка меѓу Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) и националните власти за безбедност на храната низ Европа, вклучително и со Северна Македонија, при што, сите имаат клучна улога. Врвни научници од Европа прават проценка на безбедноста и хранливата вредност на храната и даваат совети, тесно соработувајќи со национални и меѓународни партнери, произведители, организации на потрошувачи и групи од граѓанското општество. Заедно, тие ја комбинираат експертизата на ЕУ и националната, обезбедувајќи примена на најновите докази и пристапи со цел обезбедување на безбедност на храната за европските и за македонските граѓани, стои во соопштението.
Мината година според оценките на EFSA, кампањата „Safe2Eat“ достигнала рекордни нивоа на влијание допирајќи до 45 проценти од целната публика низ Европа, односно до повеќе од 50 милиони Европејци.
- Годинашнава кампања, изградена на постигнувањата на ланската, има за цел да го продлабочи своето влијание преку проширување на нејзината реализација вклучувајќи пет нови земји учеснички, да ги реши клучните грижи на потрошувачите за безбедноста на храната како што се улогата на науката за обезбедување безбедна храна, ставајќи акцент и на важноста на јасното означување на храната и придобивките од намалувањето на отпадот од храна. Зголемена ќе биде и достапноста на информациите за безбедноста на храна со нови, лесно разбирливи содржини, прилагодени на различни демографски и културни контексти. Агенцијата за храна и ветеринарство ги повикува потрошувачите од Македонија да ја посетат официјалната интернет страна на кампањата (https://www.efsa.europa.eu/mk/safe2eat) да ги проучат едукативните материјали и да се поврзат со содржината на кампањата на социјалните мрежи користејќи го #Safe2EatEU, се вели во соопштението.
Извор МИА