Македонија станува една од омилените локации за работење на дигиталните номади

Фото: Pexels

Дигиталните номади се луѓе кои користат телекомуникациски технологии за да заработат за живот и да живеат номадски живот. Овие индивидуи работат од странски земји, кафулиња, библиотеки, па дури и возила за рекреација.

Откако граничните ограничувања беа укинати, ваквиот начин на работа стана сè попривлечен за младите луѓе ширум светот, а голем број држави ги „отворија вратите“ за нив.

Дигитални номади / Фото: Pexels/Coworking Bansko

Како што пишува американската веб-страница за туризам „Travel Off Path“, минатата година неколку европски држави почнаа да издаваат дигитална номадска виза, која им дозволува на Американците да останат на континентот подолго од вообичаените 90 дена како туристи. Верувале или не, „балканскиот бисер“ Македонија е една од најпосакуваните дестинации за дигиталните номади.

„Travel Off Path“ нè опишува како мала нација во срцето на Балканот, истиот полуостров кој веќе нуди повеќе туристички жаришта како Хрватска, Црна Гора и Грција. За жал, Македонија е трета најмалку посетена земја во Европа, зад Лихтенштајн и Молдавија.

Зошто Македонија е игнорирана од туристите?

Тоа, секако, не се должи на недостатокот на монументални знаменитости. Но, фактот дека државата не излегува на море и има ограничени опции за летови е возможно објаснување, пишува „Travel Off Path“.

Но, сега потенцијалот на земјата конечно излегува на површина. На почетокот на ковид-кризата, кога сите земји во Европа им забранија пристап на Американците носејќи драконски мерки за запирање на туризмот, Македонија беше една од неколкуте што останаа достапни за странците.

Скопје, Македонија / Фото: Pexels/Tamas Marton

Дури и пред воведувањето на вакцините, Македонија ги поздрави номадите без ограничувања. Заедно со други балкански партнери кои беа надвор од сферата на влијание на Брисел, долго време тоа беше нивна единствена порта во Европа во време кога Португалија, Франција, Италија и други земји ги враќаа туристите на граница.

Според најновите податоци споделени од „Номад лист“, Скопје е вториот најбрзо растечки дигитален номадски центар во последните пет години, со импресивен раст од 417 отсто на годишно ниво од 2018 година.

Скопје, Македонија / Фото: Pexels/Gorazd Nikoloski

„Кризата со коронавирусот ѝ помогна на Македонија да ги истакне своите силни страни. Само во 2021 година, првата година по пандемијата, таа забележа раст од 114 отсто“, пишува „Travel Off Path“.

Оттаму велат дека Македонија повеќе не е заборавена, посткомунистичка држава во Југоисточна Европа, сместена меѓу Грција и Србија: нејзиниот туристички сектор цвета и повторно е откриен од новата генерација „глобтротери“ (термин за луѓе кои многу патуваат).

Зошто Македонија е толку популарна меѓу дигиталните номади?

Според „Travel Off Path“, главните причини за големиот интерес се дека Македонија не е премногу населена, тука сè е поевтино и дека државата има силно изразени социјални и културошки карактеристики, како и сите останати држави во Европа.

Но, мора да се напомене и дека дигиталните номади навистина уживаат во престојот во Македонија, каде има „пешачки патеки среде спектакуларни планински предели, совршено зачувани средновековни замоци и градови со калдрма, скијачки центри и кристално чисти езера“.

Охрид, Македонија / Фото: Pexels/Ljupco Dzambazovski

Дали постои македонска дигитална номадска виза?

Македонските власти ги објавија плановите за воведување дигитална номадска виза уште во јануари 2021 година, но таа сè уште не е официјално воведена. Проектот е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој, а кога официјално ќе биде промовиран, ќе им овозможи на работниците од далечина да останат во земјата до една година (со потенцијално продолжување).

Недостигот на формална категорија номадски визи не е пречка, туку можност: номадите добиваат тримесечен престој кога пристигнуваат како туристи, а поради релаксираната гранична политика на Балканскиот Полуостров, може да го поделат времето меѓу различни земји во источниот блок и да го продолжат времето во Европа неодредено.

Ова е целата листа со најбрзорастечките дигитални номадски центри и нивниот раст во последните 50 години:

Палермо, Италија – 500 отсто
Скопје, Македонија – 417 отсто
Азори, Португалија – 361 отсто
Ереван, Ерменија – 308 отсто
Мајорка, Шпанија – 292 отсто
Лима, Перу – 261 отсто
Пуебла, Мексико – 250 отсто
Тбилиси, Грузија – 239 отсто
Софија, Бугарија – 237 отсто
Каиро, Египет – 231 отсто

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот