Шефот на МААЕ загрижен поради можeн напад на Израел врз иранските нуклеарни постројки

Шефот на агенцијата на Обединетите нации за нуклеарен надзор, Рафаел Гроси, во понеделникот изјави дека е загрижен поради можноста од израелски напад врз иранските нуклеарни постројки, но дека инспекциите на тие објекти ќе продолжат во вторникот.

Израелскиот воен врв во понеделникот предупреди дека ќе одговори на иранскиот одмазнички ракетен и напд со беспилотни летала во текот на викендот, извршен како одговор на израелскиот воздушен напад врз иранската амбасада во Дамаск, во кој загина и високи команданти на Иранската револуционерна гарда.

Меѓународната заедница, загрижена од можна ескалација на Блискиот исток, повикува на смирување на ситуацијата.

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA) изјави дека Иран ги затворил своите нуклеарни постројки во неделата „од безбедносни причини“. Тие повторно беа отворени во понеделникот, но Гроси ја запре работата на инспекторите на МААЕ „до целосно смирување на ситуацијата“.

„Ќе продолжиме утре“, рече Гроси во седиштето на ОН во Њујорк, додавајќи дека паузата нема да влијае на инспекциските активности.

Запрашан за потенцијалните напади на Израел врз нуклеарни постројки со што еврејската држава со години се заканува, Гроси рече дека „секогаш е загрижен за таа можност“ и повика на „екстремна воздржаност“.

Истовремено Рафаел Гроси истакна дека МААЕ не забележува знаци дека Иран поседува нуклеарно оружје.

„Фактот дека има акумулација на ураниум збогатен на многу високи нивоа не значи автоматски присуство на нуклеарно оружје. Ние во агенцијата немаме никакви информации или индикации кои укажуваат дека Иран има нуклеарна програма“, рече Гроси.

Во исто време, рече тој, МААЕ им кажува на иранските партнери дека „акумулацијата на нуклеарен материјал на нивоа кои се многу блиски, речиси технички идентични со нивоата од типот на оружје, се разбира покренува прашања во меѓународната заедница“. „Затоа секогаш ги охрабруваме да соработуваат со нас целосно“, додаде Гроси.

МААЕ континуирано ги проверува главните ирански нуклеарни постројки, како што е постројката за збогатување ураниум во Натанц, центарот на нуклеарната програма на Иран. Техеран тврди дека програмата не е за воени цели, но западните земји го обвинуваат Техеран дека се обидува да развие нуклеарно оружје.

Во 2018 година тогашниот американски претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор кој Иран во 2015 година го потпиша со шесте светски сили и ги врати укинатите децениски санкции. Со тој договор Техеран се согласи на драстично намалување на процентот и количеството на збогатен ураниум во замена за укинување на децениските санкции, а Трамп сакаше проширување на договорот и на иранската ракетна програма.

Откако речиси цела година европските земји потписнички на договорот – Франција, Германија, Велика Британија и ЕУ, не успеаја да помогнат иранската економија да се сочува од американските санкции, Техеран почна постепено да суспендира одредби од договорот, особено во поглед на збогатувањето на ураниумот.

Иран долго негираше дека сака да произведе нуклеарно оружје, во прв ред велејќи дека исламот забранува употреба на оружја за масовно уништување, а дека нуклеарната енергија му е потребна за енергетски потреби и во истражувачки медицински цели.

Техеран притоа порачува дека ќе се врати на почитување на своите одредби од нуклеарниот договор доколку САД ги укинат санкциите и се вратат во договорот. Индиректните преговори меѓу Иран и администрацијата на сегашниот американски претседател Џо Бајден, со цел двете страни да се вратат во договорот, се прекинати од март 2022 година.