Патоказот со ФИРОМ во Грција не е поставен сега, туку постои барем две години

Принтскрин пост

Вакви патокази во Грција постојат барем две години, а некои и од пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Поранешниот премиер Зоран Заев за грчките медиуми уште лани изрази очекување дека грчката страна ќе го исполни делот од Договорот кој се однесува на сообраќајните патокази „затоа што е време пет години по потпишувањето да се сменат патоказите во Грција кои упатуваат кон држава која не постои со кратенка ФИРОМ“

 

Вакви патокази во Грција постојат барем две години, а некои и од пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Поранешниот премиер Зоран Заев за грчките медиуми уште лани изрази очекување дека грчката страна ќе го исполни делот од Договорот кој се однесува на сообраќајните патокази „затоа што е време пет години по потпишувањето да се сменат патоказите во Грција кои упатуваат кон држава која не постои со кратенка ФИРОМ“

 

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Threads која тврди дека Грција поставила нови табли на патиштата на кои повторно стои ФИРОМ.

Грците ставија нови табли, таман да не потсетат какви идиоти испаднавме со понижувањето на сопствениот народ, стои во објавата.

Објавата споделува и фотографија од наводно поставената нова табла.

Нашата проверка покажа дека не станува збор за нова табла и нова фотографија, туку за фотографија која се споделува барем две години.

Имено, со пребарување на Гугл преку алатката Гугл ленс најдовме дека истата фотографија се споделувала на 24 август 2022 година. Тогаш порталот Република објавил напис со наслов „Ние брусевме шахти: Грција стави нови патокази, ама пак со ФИРОМ“.

Пет години Грција нема променето ниту еден патоказ на кој ќе стои новото име. Грчките власти се правдаа дека тоа е обврска на општините, односно префектурите кои ете немаат доволно желба тоа да го променат. Но, сепак нешто се работи. Во екот на туристичката сезона сепак се поставени нови табли на патот кон Битола. Нови, свежо фарбани, но наместо името „Македонија“ повторно стои „ФИРОМ“, објави тогаш Република.

Истата фотографија се споделувала и на социјалната мрежа Фејсбук на 22 август 2022 година.

Поранешниот премиер Зоран Заев во чијшто мандат беше потпишан Договорот од Преспа, во интервју за грчката телевизија „Еден канал“ (One Chanel)  во септември 2023 година, изрази очекување грчката страна да го исполни делот од Договорот кој се однесува на сообраќајните патокази „затоа што е време пет години по потпишувањето да се сменат патоказите во Грција кои упатуваат кон држава која не постои со кратенка ФИРОМ“.

Точно е дека ваков патоказ во Грција постои и бил поставен, но не сега, како што тоа сака да го прикаже објавата, туку барем пред две години. Со ваква објава се шират дезинформации во јавноста и се предизвикаат негативни коментари. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како делумно погрешна.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција