Силни експлозии кај најголемата нуклеарна централа во Европа


 

Во близина на украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под руска окупација, вчера одекнаа силни експлозии, соопшти агенцијата за нуклеарна енергија на ОН МААЕ.

Рафаел Гроси, претседателот на МААЕ, кој минатата недела ја посети Украина, изјави дека вчера Агенцијата забележала силни експлозии во близина на најголемата нуклеарна централа во светот и уште еднаш повика на т.н. „безбедна зона“ околу електраната, пишува Индекс.хр.

Вчера руските сили извршија масовен ракетен напад врз Украина, при што беа истрелани повеќе од 50 проектили кон цели низ земјата. Украинската војска објави дека соборила повеќе од 40 руски проектили, додавајќи дека Русите во нападот користеле хиперсонични ракети од типот Кинжал. Рускиот напад дојде еден ден откако САД и Германија најавија испорака на напредни тенкови Леопард 2 и Абрамс во Украина.

Русија претходно реагираше на успесите на Украина, како на бојното поле, така и во дипломатијата, со огромни ракетни напади кои оставија милиони Украинци без струја, греење и вода. Вчерашниот напад, според сите проценки, беше еден од тие. Украинскиот премиер Денис Шмихал потврди дека Русија намерно ја гаѓа електраната.

„Денеска одржав итен состанок за енергетската ситуација, за недостигот на електрична енергија што ги имаме и за поправките што се потребни по терористичките напади. Тимови од инженери веќе работат на локациите што беа нападнати“, објави синоќа украинскиот претседател Зеленски.

Кремљ соопшти дека најавата за испраќање западни тенкови во Украина е „доказ за директното учество“ на САД и Европа во војната, која се приближува на првата годишнина. И САД и ЕУ негираат директна вмешаност во војната.