Браво за „Браво бенд“! Промоција која ги крена речиси сите на нозе

651

„Љубав преко мреже“ е српската песна која претендира да стане голем летен хит, на македонската група “Браво бенд“. Авторот кој стои зад песната е фронтменот на српскиот „Тропико-бенд“ Александар Цветковиќ-Сале, додека текстот е на Драган Брајиќ-Браја. Аранжманот е дело на Јован Лазаревиќ-Тукс. Песната има и многу интересен спот кој е снимен кај нас на убавото Преспанското Езеро,  под режисерската палка на Ѓорги Вацев. Гала-промоцијата се случи вчеравечер во скопскиот „Дион“ пред голем број новинари, пријатели и колеги на „Браво бенд“.

Авторот на песната Сале Тропико беше тука на лице место и не само што ја покажа својата радост поради соработката со „Браво бенд“, тој пред присутните сподели и впечатоци од нивната соработка.                                                                                  – Да не верував во овие момци, немаше да се случи песната „Љубав преко мреже“. Среќен сум кога некоја моја песна ќе стане хит, а оваа ќе стане.  Се радувам кога некој мојата песна ќе ја донесе до публиката онака како што јас сум замислил. Исто така се радувам што работам со овие момци, затоа што се позитивни, талентирани и знаат што сакаат, раскажа  расположениот Сале. Сличното го потврдија и Кире Денов кој е пејач во бендот, како и Дејан Младеновски кој што е тапанар.

„Браво бенд“ оваа година слави 20 години од своето постоење на македонската естрада. Така што оваа песна ќе ја има наскоро и својата македонска верзија.              Со тоа нивната летна турнеја може да тргне. Не пропуштајте, забава ќе има, што се вели, еден тон.   Д.М.