Според проценките, околу 50 македонски државјани се наоѓаат во Израел. Кризниот штаб нема конкретна бројка на македонски државјани кои се наоѓаат во околните земји, а единствениот начин да се дојде до тоа е преку нивно пријавување во нашите амбасади
Министерството за надворешни работи денеска ќе упати препорака за претпазливост до македонските граѓани во Израел, најави шефот на дипломатијата Бујар Османи. Тој посочи дека нема нови пријави од наши граѓани кои се наоѓаат во Израел и во регионот на Блискиот исток за евентуална евакуација.
Според проценките, околу 50 македонски државјани се наоѓаат во Израел. Кризниот штаб нема конкретна бројка на македонски државјани кои се наоѓаат во околните земји, а единствениот начин да се дојде до тоа е преку нивно пријавување во нашите амбасади. Османи на почетокот од неделава им препорача на нашите граѓани кои се во тој регион да се пријават во амбасада, да остават телефонски броеви за да бидат контактирани доколку се влоши ситуацијата.
„Во моментов немаме нови барања за евакуација. Постојано ја следиме состојбата. Утринава повторно имав разговор со нашиот амбасадор во Израел. Имало некои информации дека во текот на ноќта Израел го има нападнато Иран, меѓутоа се уште не се потврдени и затоа не ве информирав по тоа прашање. Меѓутоа тоа се информациите од утринскиот разговор што го имав со нашиот амбасадор, но немаме барање ниту преку СОС телефонот ниту преку нашата амбасада за евакуација“,
рече Османи одговарајќи на на новинарско прашање по изјавата во Стопанската комора на Северна Македонија каде беше во рамки на изборните активности како претседателски кандидат.
Амбасадата на САД во Израел денеска им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил одмазднички напад врз цели во Иран.
По нападите од саботата на Иран врз Израел во МНР беше формиран Кризен штаб чија примарна задача е да организира извлекување на македонските државјани од Израел и од поширокиот Блиски Исток доколку за тоа има потреба. На почетокот од седмицата МНР информира дека само еден македонски државјанин побарал да биде евакуиран од Израел.
Покрај амбасадата во Тел Авив, на нашите граѓани на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар. Сите државјани кои се наоѓаат во посочениот регион можат да стапат во комуникација со нашата амбасада во Тел Авив на дежурниот телефон 972 549 267 378 како и СОС дежурните телефони на МНР 075 273 732 и 075 268 376 со цел подготовки за евентуална евакуација.