Кемтрејлс не се споменуваат во предлог законот во Тенеси

Фото: imagii auf Pixabay

Уредбата на Сенатот на државата Тенеси не докажува дека кемтрејлс се вистинска појава. Предлог законот кој се споменува во објавите што ги рецензираме, примарно се однесува на контрола на активностите за геоинженеринг во оваа држава и не споменува кемтрејлс. Кемтрејлс е една од најупорните теории на заговор, според која трагите од кондензација позади авионите се  „дел од тајна програма за труење на атмосферата и луѓето со токсични хемикалии“

Уредбата на Сенатот на државата Тенеси не докажува дека кемтрејлс се вистинска појава. Предлог-законот кој се споменува во објавите што ги рецензираме, примарно се однесува на контрола на активностите за геоинженеринг во оваа држава и не споменува кемтрејлс. Кемтрејлс е една од најупорните теории на заговор, според која трагите од кондензација позади авионите се „дел од тајна програма за труење на атмосферата и луѓето со токсични хемикалии“

 

Рецензираме објави на социјалната мрежа Фејсбук (тука и тука) во кои се вели дека Сенатот на Тенеси забранил  „прскање”, односно дека забранил „геоинженерство со кемјтрејлс“.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Истиномер, уредбата на Сенатот на државата Тенеси не докажува дека кемтрејлс се вистинска појава. Предлог-законот кој се споменува во објавите што ги рецензираме, примарно се однесува на контрола на активностите за геоинженеринг во оваа држава и не споменува кемтрејлс.

Кемтрејлс е една од најупорните теории на заговор, според која трагите од кондензација позади авионите се „дел од тајна програма за труење на атмосферата и луѓето со токсични хемикалии“. Оваа теорија на заговор потекнува од 90-тите години и во повеќе наврати е оспорена од бројни научни и државни институции.

Сенатот на Тенеси усвои закон со кој се забранува испуштање на хемикалии во атмосферата внатре во државните граници, со изрична цел да се влијае на температурата, временските прилики или интензитетот на сончевата светлина. Предлог-законот во ниеден дел не споменува кемтрејлс.

Со законот на државата Тенеси, кој Сенатот го усвои на 18 март, се предвидува измена на Законот за квалитет на воздухот со цел во границите на оваа држава да се забрани намерно вбризгување, ослободување или дисперзија на хемикалии, токсични соединенија, супстанци или препарати во атмосферата за се влијае на температурата, временските прилики или интензитетот на сончевата светлина, пишуваат проверувачите на факти на Истиномер.

Во ниеден дел од овој закон не се споменуваат кемтрејлс, туку основната намена на документот се однесува на контрола на геоинженерингот во Тенеси. Се работи за превентивно, а не реактивно делување.

Иако независни невладини субјекти се задолжени на надлежните државни институции да им ги пријават сите планирани активности за контрола или промена на временските прилики во САД, ниеден таков случај досега не е пријавен или забележан во Тенеси, оценуваат проверувачите на факти на Политифакт.

Исто така, законот во својата широка одредница забранува какво било влијание врз температурата, времето или интензитетот на сончевата светлина.

Амандманот е предложен и изгласан од пратениците на Републиканската партија, а ќе стапи на сила на 1 јули доколку го потпише гувернерот на Тенеси, Вил Ли, исто така републиканец, пренесува Би Би Си.

Предлог-законот следува откако владата достави извештај во јуни 2023 година кој се однесува на соларниот геоинженеринг, односно идејата за ладење на Земјата на начин што се одбива сончевата светлина назад во атмосферата.

Меѓутоа, во текот на расправата за овој предлог-закон во генералното собрание на Тенеси месецов, одредени државни пратеници директно или индиректно реферираа и на „кемтрејлс“.

Меѓу нив беше и Крис Тод, претставник на Републиканската партија кој во текот на собранието рече како цел живот „гледа кемтрејлс, бидејќи откако се измислени млазните авиони, почнал да забележува хемиски траги на небото“.

Во текот на дебатата, за збор се јави и Џон Реј Клемонс, пратеник од Демократската партија кој на шега предложи амандман кој би ги заштитил и измислените митолошки битија.

Овој амандман ќе осигури дека ќе ги заштитиме Јети и Бигфут од овие теории на заговор кои ги усвојуваме како закон, рече Клемонс во текот на дебатата, додавајќи дека овој закон не треба да се сфати сериозно.

Откако законот помина на државниот Сенат во Тенеси, Даг Мастриано, сенатор во Пенсилванија, изјави дека и тој ќе спроведе закон што ќе осигури „дека небото над Пенсилванија е заштитено во иднина”.

Мастриано, кој ги изгуби изборите за гувернер во 2022 и во минатото јавно ги споменуваше кемтрејлсите. Минатата година на својот Фејсбук објави фотографија од бели траги на небото со опис: „Имам закон ова да го спречам“.

Геоинженеринг е технологија која може да се користи за манипулација и контрола на временските прилики со цел ублажување на ефектите на климатските промени. Одредени методи на геоинженеринг подразбираат употреба на аеросоли.

Поради неговата корисност во праксата, како и можноста за несакани исходи, геоинженерингот е прилично контроверзен меѓу научниците што се занимаваат со климата. Климатскиот инженеринг на планетата не претставува исто што и рутинска модификација на временските услови како ,,сеење облаци”(cloud seeding), техники за зголемување на дождовите која се користи во одредени држави, пишува Би Би Си.

Теоријата на заговор за кемтрејлс, тврди дека хемикалиите што се испуштаат во воздухот имаат цел да го намалат животниот век на луѓето, да им ги контролираат умовите и да ја стерилизираат популацијата.

Една од најраните забележани фотографии со авионски траги датира од 1940 година над Филипините. Но овој специфичен атмосферски феномен не е научно објаснет сè до 1953 година кога метеорологот Херберт Еплман објави детален научен труд за контрејлс (траги на кондензација).

Во својот труд Еплман објаснува дека трагите на небото настануваат под специфични атмосферски услови, се работи за облаци кои се формираат кога мешавина топли издувни гасови на моторот и ладниот амбиентален воздух создаваат водени капки, кои брзо смрзнуваат и стануваат ледени кристали.

Поради сите горенаведени факти објавите што ги рецензираме ги оценуваме како невистинити.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција