Не плашете се за мене, јас сум добро и физички и психички

Говорот на омраза не доликува на ниту една сериозна партија, ама не доликува воопшто на социјалдемократска партија. Тоа е говор на некоја крајна десница што се служи со патријархалност и парохијалност, па така гледа на жените и на возрасните.

Ова беше коментарот на кандидатката за шеф на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, во врска со синоќешниот митинг на нејзиниот потивкандидат поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, на кој еден од граѓаните упати сексистички навреди кон неа кои се однесуваат на возраста и полот на кандидатката.

„За мене возраста како во антиката значи мудрост, значи знаење, искуство, а мислам дека многу успешни претседатели имале бела коса и биле успешни. Не плашете се за мене, јас сум добро и физички и психички. Орна сум за дебата ама нема кандидати за дебата. Само најавуваат, најавуваат и никако да се појават таму каде што ни е местото, пред одговорни новинари“, рече Силјановска-Давкова на вечерашниот митинг во Прилеп.

„Молкот кога се случуваше тој настап многу зборува. Не знам дали можам да го окарактеризирам тоа, но таквиот говор, говорот на омраза, не доликува на ниту една сериозна партија, ама не доликува воошто на социјалдеморкатска партија. Тоа е говор на некоја крајна десница, што се служи со патријархалност и парохијалност па така гледа на жените и на возрасните“, додаде Силјановска-Давкова.

Од вечерашниот митинг во Прилеп се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој, коментирајќи го синоќешниот митинг на Стево Пендаровски, на кој биле изнесени навреди кон нивната претседателска кандидатка, оцени дека актуелниот шеф на државата станал прототип за балкански женомразец.