Макрон со честитка на македонски јазик до Силјановска, Франција останува на страната на Северна Македонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Еден ден по изборите, до новиот претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова стигна честитка и од претседателот на Франција, Емануел Макрон. На кирилица и македонски јазик, на социјалната мрежа Фејсбук, Макрон упати честитка во која порача дека Франција останува на страната на Северна Македонија за европската иднина.

„Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Силјановска Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател. Франција останува на страната на Северна Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина“, напиша Макрон.

Сиљановска Давкова, исто така во објава на Фејсбук, се заблагодари на честитката на францускиот претседател. Пораката ја напиша на француски јазик.

„Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски.“, напиша Силјановска-Давкова.

Воедно, додава таа во објавата, како две пријателски земји во нејзиниот мандат ќе работи на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната размена.

Како што е познато, во октомври 2019-та година токму Макрон и Франција го блокираа проширувањето на ЕУ, со што беше ставена „рампа“ за отпочнувањето на преговорите со Македонија и Албанија. Во тоа време, само Франција ја блокираше Македонија, додека Холандија и Данска го поддржаа Скопје, но се спротивставија на амбициите на Тирана. Финска предложи случајот со Албанија да се одвои од тој на Македонија, но Франција не се согласи со тоа. Потоа следуваа неколку вета од страна на Бугарија, по што и настана спорот помеѓу Скопје и Софија, а нашата држава остана заглавена на патот кон ЕУ.

Франција и Макрон одлулија да посредуваат во спорот, со т.н Француски предлог, кој беше изгласан во 2022-ра година во македонското собрание со што Македонија ја одржа првата меѓувладина седница со ЕУ.

Но, со францускиот предлог се предвидува и вметнување на Бугарите во Уставот, за што се потребни 2/3 во Собранието, а со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ е против, уставните измени се уште не се изгласани.

Тоа е главната причина поради која Македонија се уште не ја одржала втората меѓувладина седница со која и официјално би почнале преговорите, односно отворањето на т.н кластери.