Вработените во „Национални шуми“ излегоа на протест

Објавил: Калина Мартинска | 17 април, 2024 14:52

Предизборно ги наполнија „Национални шуми“, сега платата доцни два месеци

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Вработени во 30 подружници на „Национални шуми“ денеска претпладне се излегоа на протест пред зградата на Јавното претпријатие во Скопје за да го искажат, својот револт бидејќи втор месец немаат земено плата.

И не се проблем  само неисплатените плати, туку и теренскиот додаток, кој исто така не им се исплаќа, а луѓето, вели, се тераат да одат на работа, тврди  претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Иван Пешевски.

Во претпријатието се одвива штрајк на вработените, кои се на своите работни места, но не ги извршуваат работните задачи.

„Навистина се гневни и на менаџментот и на директорот и на нивните раководители и на сите претставници од власта затоа што сите таму земаат за 80 отсто зголемени плати, а вработените немаат втор месец плата. Веќе третиот месец тече и со една исплатена плата доколку денеска ја има повторно ќе немаат здравствено осигурување“,рече Пешевски.

Тој апелира претставниците на власта и до сите политички партии да не си поигруваат со судбината на околу 1 800 вработени во „Национални шуми“.

„Ако може да вработуваат луѓе пред избори и да ги лажат треба да обезбедат плата за сите луѓе сега, а не само да одат по градовите и да делат лажни ветувања. Ова го упатуваме до сите претставници на власта, до сите политички партии кога одат по градовите да ги прашаат луѓето за нивните проблеми, а не да кажуваат што ќе направат или што не направиле тие пред нив“, изјави претседателот на СГИП.

Срамно е, додаде тој, во 21 век вработени да се молат за плати кои ги заработиле на работни места на кои се изложени на висок степен на ризик.

„Ако се прашуваат некои и ако кажуваат дека има крадци во ‘Национални шуми’, јас од тука кажувам дека крадците се во дирекцијата и во фотелјите. Крадците не се ни сеча, ни дотур, ни сите оние шумари коишто земаат и онака мизерни плати, а не плати достоинствени за живот како што заслужуваат со нивните работни места, на коишто се секојдневно изложени на надворешни влијанија и коишто се со висок степен на ризик“, вели Пешевски.

ССМ: Во наредните денови ќе го радикализираме протестот

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) апелира менаџментот на ЈП „Национални шуми“ и Владата да не поигруваат со судбината на 1.800-те вработени во јавното претпријатие и да им обезбедат плата во спротивно најавува радикализирање на протестот и негово префрлање пред Владата.

Како што кажа, ставот на менаџментот на јавното претпријатие е дека зимскиот период секогаш е тежок и праша доколку е тежок како можеа во тој период да набават нови возила и да потрошат милионски суми, а да не обезбедат плата за вработените.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.