Прог метал дуото „Agremorta“ објави концептуален албум „Anomalia“ изграден преку имагинативна приказна

Колаборативниот проект „Agremorta“ настана 2023 година, кога американско-македонското дуо Кристофер Кронс и Никола Станојковски почнаа брзо да работат и прават заедничка музика. Сега, на 15 март од таа соработка произлезе првиот албум „Anomalia“. 

Од бендот објаснуваат дека музиката на „Agremorta“ вклучува елементи од повеќе жанрови како алтернативен, прогресивен, грув и кибернетичен метал, „џент“ (djent).

„Музиката е проткаена низ една оркестрална, футуристичка и амбиентална музика која ја држи основата на звучниот дизајн. Значењето на името на бендот е комбинација на два зборови: Agre – пред, кој потекнува од стар индоевропски јазик, и, Morta – кралица на смртта, што доаѓа од римската митологија“, објаснуваат тие.

Кристофер е одговорен за пишувањето на текстовите, како и композицијата, аранжманот и изведбата на вокалите, додека пак Никола е задолжен за композицијата, аранжманот, продукцијата и снимањето на инструменталниот дел на музиката, вклучувајќи гитари, бас, синтисајзер и звучни ефекти.

Во однос на „Anomalia“, потенцираат дека е концептуален краток албум (EP, extended play) составен од 4 песни  изграден со помош на имагинативна кратка приказна.

„Секоја песна на ‘Anomalia’ има за цел да испорача звучно искуство и приказна која е богата со метафора, допирајќи ги темите на идеализација, сила во ранливоста и крајности на индивидуализам и конформизам“, велат дечките од „Agremorta“.

Се работи за личност која, посочуваат тие, се буди откако човештвото се ресетирало преку технологијата со надеж дека ќе избегне самоуништување.

„Меѓутоа, оние што се веќе разбудени ги имаат пресоздадено почетоците на асиметричните и централизирани структури на моќ што ги имаат доведено таму на прво место. Исто така, постојат нејасни сеќавања на сите за тоа зошто се случило ресетирањето, деталите од нивниот живот, па дури и нивните имиња. Сите се идентификувани со број, наместо име“, посочуваат тие.

Како што објаснуваат, главниот лик на крајот успева, и, сам, пристапува до регистарот за имиња и историјата на секоја индивидуа засебно. Стекнува нова моќ, но дознава и за своето гадно минато.

„Тој открива дека во својот минат живот бил одговорен за еутаназијата на илјадници сиромашни деца и стари лица, вклучувајќи ги и таткото и детето на неговиот партнер. Тој се бори со искушенијата да го задржи регистарот за себе и да ја создаде својата идеја за совршена човечност, и, се бори со дилемата да ја задржи контролата над својот партнер држејќи го слеп за минатото. На крајот, тој одлучува да го објави регистарот на имиња имајќи ги во предвид последиците коишто можат да следат, но, истовремено имајќи надеж дека сите ќе научат од него и ќе го искористат своето претходно знаење за да создадат подобра иднина, наместо да се кријат од минатото и да ги повторуваат неговите грешки. Тој се бори да најде начин да живее со она што се случило порано, но сега го губи својот партнер“, соопштуваат од бендот.

Инаку, албумот „Anomalia“ е објавен на 15 март на сите популарни стриминг платформи како Спотифај, Јутјуб, Бендкемп, Саундклауд, АјТјунс, Епл Мјузик, Тидал, Дизер итн.

Исто така, достапно е лирично видео за темите „Ploratus Umbra“, „Adrocitas“ и „Vertex Membrana“ на платформата Јутјуб.

„Вокалите се снимани и испродуцирани во ‘Alatna Studios’ со помош на Ендрју Бери. Александар Стефановски беше одговорен за ко-продукцијата, миксот и мастерот на песната, а во траката има и гостинско соло од страна на Луис Снајдер. Дополнителни бас линии во песната се снимени од страна на Стефан Стојкоски на песните ‘Adrocitas и ‘Ploratus Umbra’“, соопштува дуото „Agremorta“.

Бојан Шашевски