На сцената на НОБ ќе се изведе современиот балет „Сага“

На сцената на Националната опера и балет на 16 април со почеток во 20.00 часот ќе се изведе современиот балет „Сага“ (идентитети), во рамките на jубилејното 20. издание на Танц Фест Скопје.

„’Сага’ (идентитети) е возбудливо патување низ ритамот на седмата осмина. Низ заедничка креација со Националниот балет, кореографката Рисима Рисимкин, композиторот Тони Китановски, сценографијата на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски, ги открива идентитетите на Црвената и Црната нишка, кои ги толкуваат примабалерините Марија Кичевска Шокаровска и Мими Поп-Алексова Атанасовска, Пиреј со првенецот Бобан Ковачевски и гостинот Балаж Лочеи (Унгарија), Везилката со Саша Евтимова, Прелист со Наташа Трендафилова-Гицев, Трепетлика со Илијана Данилов, Ѓул со Христина Наќевска. Со еден збор обединети со комплетниот ансамбл на Националниот балет создаваат претстава за луѓето, поминуваат низ историјата и се задржуваат на сегашноста. Либретото се базира врз народни преданија и современа поезија на македонски автори, во кое централно место зазема песната „Везилка” на великанот Блаже Конески.“, велат од НОБ.

Како што информираат од таму, фестивалот Танц Фест Скопје 2024, има нов концепт и повеќе различни програми. Меѓу нив е и програмата насловена „Паралели“ во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и балет.