На 26 ноември, самостојната изложба на Мирослав Масин во галеријата “Ел Греко”

57

Најновиот проект на Галеријата “Ел Греко”, тоа е самостојната изложба на Мирослав Масин која ќе се отвори на 26 ноември во 13.00 часот.
Мирослав Масин уметничката кариера ја започнува под влијание од експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, за кои иако различни во пристапот, вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудитство. Уште од најраните уметнички инспирации се следат анималните тематики, а пред се птици, кои се провлекуваат низ целиот негов опус.
Тие се мотив и за последната негова голема изложба во МАНУ, 2019 година “Подобро на гранка, одошто заглавен во лифт” придружена со слоганот “Ќе летаат пердуви”, а истите се актуелни и во неговиот последен циклус цртежи кој рецентно се изложува во галеријата “Ел Греко”.
Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции. Вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е и заситената, интензивна и експресивна боја која во овој циклус го нема приматот. Тука, таа е само монохроматски присутна, во еден тон, кој дава колористички акцент и симболична асоцијативност.
Најновиот циклус птици се одликува со едноставност, црно бел цртеж, репетитивен систем на пристап кон тематот, но различна “акцијата” на линеарно обликуванaта птица.
Трансформациите, асоцијациите и симболиката на ликовните елементи и концепцијата ја чинат композицијата во делата на Масин да биде динамична, концентрирана, надреална, експлозивна, забавна, потсмевлива, цинична. Овојпат внимавајте, не летаат пердуви, “паѓаат јајца на око”!

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.