(Видео) Судири на студентите со полицијата на улиците во Атина, бесни поради новиот закон

Грчките студенти фрлаа молотови коктели врз полицијата која одговори со солзавец во центарот на Атина, неколку часа пред очекувањата парламентот да го усвои законот со кој им се дозволува на странските приватни универзитети да основаат филијали во земјата.

Илјадници студенти со недели мирно протестираат против образовната реформа за која тврдат дека ќе ја намали вредноста на дипломите заработени на државните универзитети, но некои повеќе не можеа да го задржат својот гнев кога премиерот Киријакос Мицотакис ги повика пратениците да го прифатат законот.

– Се плашам дека ако успееме да дипломираме, никаде нема да можеме да се вработиме, вели 25-годишниот Стратос Кацелис.

Ниту еден млад човек денес не може да планира за иднината. Сè што гледаме се безизлезни ситуации“, додаде тој.

Мицотакис, кој го освои вториот мандат во јуни минатата година, рече дека законот ќе помогне да се запре егзодусот на десетици илјади грчки студенти кои заминуваат да студираат во странство, товар за економијата што сè уште се опоравува од 10-годишната финансиска криза.

Законот, исто така, ќе помогне да се усогласи Грција со остатокот од Европската унија и да се промовира конкурентноста во високото образование, рече тој.

Многу е веројатно законот да биде усвоен бидејќи конзервативната влада има 158 од 300 претставници во парламентот.

– Парламентот не е повикан само да гласа за клучниот закон, туку да одобри радикална и храбра образовна реформа за раст и социјална правда. Конечно ќе им овозможи на недржавните, непрофитни институции да работат во нашата земја, рече Мицотакис.

Студентите, со поддршка на дел од наставниците и универзитетскиот персонал, не се убедени. Една група се отцепи од демонстрациите и фрли молотови коктели врз полицијата, која ги растера со солзавец, изјавија очевидци на Ројтерс и полициски претставник.

Законот е дел од реформите на владата, кои го вклучуваат и законот за истополови бракови што беше донесен минатиот месец.

Претходна вестМицкоски: Огромна благодарност до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што се донесе изборниот законик и над 100 илјади граѓани сега ќе можат слободно да излезат на избори и да гласаат
Следна вестБојмацалиев: Паднаа во вода лагите, извештајот покажа дека полицијата навремено постапила за убиството на Вања и Панче