Јас сум професионалец и затоа не можам да ги почитувам

120
epa09967387 Milan's player Zlatan Ibrahimovic after winning the Italian Serie A championship's title after the Italian Serie A soccer match US Sassuolo vs AC Milan at Mapei Stadium in Reggio Emilia, Italy, 22 May 2022. EPA-EFE/SERENA CAMPANINI

Во последното интервју, кое го даде за радио станицата „France Inter“, најголемата ѕвезда во дресот на актуелниот шампион на Италија, тимот на Милан, Златан Ибрахимовиќ, зборуваше за својата амбиција да биде глумец, за љубовта кон Франција, победата на Аргентина на последниот Мундијал во Катар, за Лионел Меси и Килијан Мбале…

Шведскиот интернационалец нема одиграно ниту еден натпревар во актуелната сезона и тоа поради незгодната повреда на коленото поради која паузира од мај изминатата година. Ибракадабра работи напорно на својот кам-бек и големи се шансите да биде во комбинација за првиот 1/8 финален натпревар од Лигата на шампиони против лондонскиот премиерлигаш Тотенхем.

Слободното време искусниот напаѓач го искористи за промоција на новиот филм „Астерик и Обеликс – Средно кралство“, во кој го глуми Каиус Антивирус, десната рака на Цезар.

  • За мене, овој филм е голема работа. Фудбалските фанови долго време ме познаваат, но ова е сосема поинаков свет. Да бидам глумец? Никогаш не се знае, многу ме интересира филмскиот свет! Сакам да му се заблагодарам на режисерот за дадената шанса, но не чувствував никаков страв пред камерата, откри Ибра.

Искусниот напаѓач потоа се присети на времето кога играше во Лига 1 и ги бранеше боите на актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ.

  • Ја сакам Франција, четири години живеев во Франција и го подигнав францускиот фудбал на едно повисоко ниво. Ова не е ароганција, ова е само доверба во сопствените можности, додаде Ибра.

Искусниот напаѓач откри што мисли за Килијан Мбапе и неуспехот на Франција во финалниот натпревар од СП 2022.

  • Не сум загрижен за него, сигурно ќе освои уште едно Светско првенство, но во Катар, јас бев убеден дека Аргентина ќе победи, изјави Ибракадабра.

На крајот од интервјуто, напаѓачот на Милан, испрати отровни стрелци кон Аргентинците поради срамната прослава на светската титула, а во прв план беше голманот Емилијано Мартинез.

  • Меси е дефиниран како најдобар играч во фудбалската историја и ќе биде запаметен по освојувањето на светската титула, но останатите? Не можам да ги почитувам, како професионалец, тие кои така се однесуваа за време на прославата, заврши Ибракадабра кој изминатите неколку дена тренира и со топка.