ЕХФ Лига на Европа: Познати се четирите учесници на Ф4

По синоќешните реванш дуели од четвртфиналето од ЕХФ Лигата на Европа познати се сите четири учесници на фајналфор турнирот во елитното европско натпреварување. Од четирите екипи, три се германски прволигаши, на кои друштво ќе им прави Динамо Букурешт, за кого ова ќе биде дебитантски настап на еден фајналфор турнир.

Динамо на вчерашниот реванш го шокираше Дански Скјерн, на гостински терен триумфирајќи со 34-38. Романците имаа само еден гол предност по првиот меч, но фуриозно го почнаа второто полувреме во кое поведоа со 12-20, трасирајќи си го патот до фајналфор.

Фленсбург неочекувано загуби на реваншот на домашен терен од Савехоф со 28-29, но поранешниот европски првак имаше огромни „плус 11“ од првиот меч во Шведска и рутински го запечати пласманот на фајналфор турнирот.

Возбудливо беше во Нант, каде францускиот тим по реваншот на првиот меч во Германија на домашен терен загуби од Берлин, па „лисиците“ од германската метропола ќе патуваат на завршниот турнир во Хамбург каде ќе ја бранат титулата освоена лани. Милосављев повторно беше одличен на голот на Берлин со 13 одбрани, додека Андерсон со девет погодоци беше најефикасен во победничкиот тим.

Последен учесник на овој фајналфор турнир ќе биде Рајн-Некар Левен, германскиот тим што во квалификациите за ова натпреварување на почетокот од сезонава го елиминираше Вардар. „Лавовите“ одиграа супердраматично четвртфинале со Спортинг Лисабон, имаа два гола предност по првиот меч, па минималниот пораз од 29-28 во Португалија им донесе огромна радост. Спортинг има за што да жали бидејќи водеше со 27-23 на седум минути до крајот, но германскиот менталитет повторно се виде кога беше најважно, РНЛ одигра фуриозно во финишот и стигна до билет за Ф4.

Се вчитува...