Ѓукановиќ за „Локално“: Нема надеж за инфлаторна стабилизација се досека трае војната во Украина

од Vladimir Zorba

Српскиот финансиски експерт и писател Владимир Ѓукановиќ во ексклузивно интервју за „Локално“, предупредува на загрижувачко сценарио за понатамошното движење на инфлацијата.

„Светот ќе се бори со инфлацијата во следните неколку години“, вели Ѓукановиќ кој голем дел од својата кариера ја поминал во американската банка Џеј Пи Морган, работејќи на Вол Стрит, како партнер во инвестиционен фонд во Лондон и сопственик на повеќе од 20 фирми низ светот со околку 2000 вработени, за сега, како што самиот вели  активен приватен инвеститор и советник на компании во регионот.

Според него, постои лидерски вакум во светот, а очекувањата му се дека инфлацијата ќе биде причина за сериозни немири.

„Мислам дека нема надеж за инфлаторна стабилизација се досека трае војната во Украина. Недостатокот од соработка на глобално ниво е сериозен проблем на економски план. Стравувам дека повторно живееме во времиња на диво политичко ривалство бидејќи Западот  не сака да ја предаде лидерската позиција, а новиот свет, обединет околку БРИКС, не сака економски систем под контрола на Западот. Затоа очекувам судири, нестабилност и војни во следните неколку години.“, вели тој.

Коментирајќи ги последиците од рецесијата во Германија, Ѓукановиќ алармира дека проблемите ќе се појават во текот на зимата поради сложената енергетска ситуација.

Во обид да се сузбие упорната инфлација, банките ги зголемија каматните стапки. Кој ќе биде трендот на раст до крајот на годинава? Што мислите како тоа ќе се одрази на БДП?

-Растот на каматните стапки го забавува економскиот раст. Парите се поскапи и поради високите камати помал број проекти стануваат профитабилни. Сето ова ја намалува вработеноста и ја намалува побарувачката. Од друга страна, помалата побарувачка ги намалува цените и ја скротува инфлацијата. Тоа е “тежок’’лек, но и инфлацијата е “тешка’’ болест. Како канцер во биолошкиот систем, а тешките маки бараат тешки решенија. Светот ќе се бори со инфлација во следните неколку години .За жал,лидерскиот  вакум во во светот не е ветувачки. Последен пат кога светот беше во ваква ситуација за време на 70-тите години маките траеа цела деценија, односно се додека не се појави Paul Volcker кој радикално ги зголеми каматните стапки и на тој начин ја скроти инфлаторната спирала.

Државите практикуваат бројни мерки за забавување на растот на цените на храната и др. производи. До кога според Вас, инфлацијата ќе биде извор на нестабилност? 

 –Инфлација од 7% која трае пет години го преполовува животниот стандард доколку  приходите не ги следат поскапувањата. Тоа е сериозен шок за поголемиот дел од популацијата, освен за богатите. Затоа дискриминаторски ја нарекуваат “данок на сиромаштијата’’, бидејќи основните продукти за многумина стануваат недостижни. Немаштијата е основна причина за политичка нестабилност, и во вакви времиња растат тензиите. Очекувам сериозни немири доколку продолжи инфлацијата, што е сега извесно.  На политичките лидери останува да дозволат протести како постепена промена на власта се до моментот кога на сцена ќе дојдат лидери кои ќе имаат храброст да ги решат проблемите. Мислам дека нема надеж за инфлаторна стабилизација се досека трае војната во Украина. Недостатокот од соработка на глобално ниво е сериозен проблем на економски план. Стравувам дека повторно живееме во времиња на диво политичко ривалство бидејќи Западот не сака да ја предаде лидерската позиција, а новиот свет, обединет околку БРИКС не сака економски систем под контрола на Западот. Затоа очекувам судири, нестабилност и војни во следните неколку години.

Македонија се подговува за издавање на првата народна обврзница со камата поголема од таа што ја нуди банкарскиот сектор. Дали бенефитите од овој чекор можат да бидат поголеми од недостатоците?

-Мислам дека нема избор. Дефицитот мора да се финансира, а потрошувачката да се контролира. Доколку парите се користат за инвестиции во инфраструктурата, тогаш високата каматна стапка е оправдана. Но, доколку со овие средства едноставно се покриваат трошоците за зголемување на платите во јавниот сектор, тоа е патот кон пропаст. За жал, знаеме дека поголемиот број од политичарите се популистички фокусирани на краткорочни, но лоши решенија.

Економската локомотива на Европа, Германија, влезе во рецесија, а истото се очекува и за Британија. Какви ќе бидат последиците по економииите на државите од Западен Балкан?

-Држaвите од Западен Балкан се директно врзани за европската економија и секогаш кога тие ќе се “накашлаат’’, ние “настинуваме’’. Рецесијата не е добра, но постои надеж дека ќе се намали побарувачката, а со тоа и инфлацијата. Не е голема жртва да се биде негативен неколку тримесечја, ако е целта скротување на цените. Проблемите ќе се појават во текот на зимата бидејќи енергетската ситуација е сложена. Русија ќе го заострува овој тренд со намера инфлацијата и понатаму да врши политички притисоци врз Европа. Ние сме во истиот вагон и единствениот начин е да се инвестира во инфраструктура за на тој начин да се одржува економската активност. Тука се соочуваме со прашањето на корупција затоа што периодот е многу сложен, а корупцијата може само уште повеќе да ги усложни работите.

Македонија, као и остатокот од светот  прави напори да ја намали инфлацијата на ниво на  едноцифрен број.  Во оваа насока, логично се наметнува дилемата како да се сочува вредноста на заштедите, односно дали е ова вистинско време за вложување или сепак најдобриот инструмент е кешот?

-Берзата е и понатаму најдобриот излез за зачувување и зголемување на капиталот. Вложувањето во индекс фондовите е основниот пасивен начин, бидејќи во индексите влегуваат најголемите и најуспешните фирми кои тогаш работат за вас и за вашата пензија. Кај нас тоа се сеуште недоволно обработени концепти, и тоа како во рамки на образованието, така и во законската регулатива. Пензиските системи се недоволно капитализирани и овозможуваат само дел од потребната сигурност за нашата старост.  Кога во нашиот регион некој ќе замине во пензија, неговиот животен стандард се преполовува што е сериозен шок за секого. Од овие причини, на младите генерации треба да им се објасни дека долгорочното вложување во економијата ( домашната и западната) е од клучно значење за спокојна иднина.

Што ги советувате инвеститорите, во што треба да се вложат парите за да се добие значаен поврат на средствата? Дали во време на инфлација, недвижностите и акциите ја зголемуваат својата вредност?

-Областа на вештачката интелегенција ветува неверојатен раст од речиси 40% на годишно ниво во следните седум години. Сега постои вонсериска можност да се профитира од овој тренд. Компаниите како што се  NVIDIA, Microsoft, Google и Meta вложуваат огромни средства и тоа е најлесен начин за сериозен поврат. Избирањето индивидуални акции е поинаква игра од индекс фондовите. Кога ќе купите индекс фонд , во него има стотици фирми и вие практично го следите успехот на една економија или индустрија. Пропаѓањето на една или две фирми статистички не значи ништо. Сосема поинаква приказна се индивидуалните акции бидејќи ризикот е многу поголем.  

Вештачката интелигенција се позиционира високо не само од инвестициски аспект туку и во секојдневниот живот. Како да се искористи секоја нова технологија за да се направат плус пари?

Треба да се едуцираме и да не бегаме од новата технологија. Користењето AI во работата е пресудно, бидејќи на тој начин се забрзуваат процесите. Секој што нема да се прилагоди ќе биде исфрлен од играта и маргинализиран. ChatGPS е пример кој може да им асистира на сите во дејностите коишто се врзани со јазикот и симболите. Значи, во скоро сите интелектуални занимања.  Доколку се игнорира овој тренд, се загрозува понатамошниот развој на професионалната кариера.

К.В.С.

Слични содржини