Парламентарни избори во Јужна Кореја – можна победа на опозицијата


 – Во Јужна Кореја денеска се одржуваат парламентарни избори, кои некои аналитичари ги гледаат како референдум за претседателот Јун Сук-Јол, чија популарност опадна поради зголемените трошоци за живот и низата политички скандали.


До 14 часот по локално време гласале речиси 25 милиони лица или 56,4 отсто од гласачите, наведе Националната изборна комисија, вклучително и 14 милиони предвремени гласачи, објави Јонхап.


Ова е најголема излезност на едни парламентарни избори, иако излезноста е помала од претседателските избори во 2022 година, на кои Јун победи во крајно неизвесната трка.

Опозициската Демократска партија (ДП), која веќе има мнозинство во парламентот, го обвини Јун и неговата Партија за моќ на народот (ППП) за лошо управување со економијата и неуспехот да ја контролираат инфлацијата во актуелниот мандат.


Водачот на ППП, Хан Донг-хун, кажа дека победата на ДП, чиј лидер се соочува со обвиненија за корупција, ќе создаде криза за земјата, пренесуваат британските медиуми.

Тој предупреди на ризикот ДП да освои 200 пратенички места, со што Јун ќе го загуби правото на вето.


Анкетите покажаа мешани резултати и двете главни партии рекоа дека резултатите во десетици области се премногу блиску за да се прогласи победа за една од нив, но некои партиски водачи и политички аналитичари предвидуваа дека ДП ќе освои парламентарно мнозинство.

Претседателот веќе неколку месеци има ниска јавна поддршка, откако во 2022 година дојде на власт со ветување дека ќе ги намали даноците, ќе ги олесни деловните регулативи и ќе ги прошири мерките за поддршка на семејството во општеството во светот кое најбрзо старее.


Британските медиуми пренесуваат дека корупцијата беше клучното прашање во кампањата за изборите. сд/фото:ЕПА .

Извор: МИА