Навивам за „Бијело дугме“  

Мојот соработник во МНР од првите години на независноста, амбасадорот Ристо Никовски, пред некое време објави текст насловен „За кого навива Малески?“. Одговарам затоа што во прашањето препознавам наратив кој ме следи од првите денови на независноста. Имено, дека сум „навивал“ за Југославените , за Албанците, за Грците, за Бугарите, за Американците, ама не и за Македонците.

Ова глупаво тврдење нема никаква логика, се разбира, а сепак толку лесно минува кај национално егзалтираната јавност на која секогаш сум настојувал вистинито да им ги објаснам домашните и меѓународните политички процеси. Згора на ова, можно ли е да барате од човек од науката, во мојот случај науката за меѓународната политика, да „навива“.

Или од него се очекува да ја зборува вистината. Зашто, не може баш сите да „навиваат“само – МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА, МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА! Некој мора и да мисли.

Но, зарем не е судбина на сите оние кои се обиделе да се спротистават на своите национализми, постојано да бидат прашувани на чија страна се, за кого „навиваат“?

Токму како во приказнава која сега ќе ви ја раскажам, а досега не сум ја знаел. Горан Бреговиќ од „Бијело дугме“, состав за кој сите од сесрце навиваме, деновиве во едно интервју на Јутјуб зборува за себе во годините на првите демократски избори во Босна.

“Кога видов како моето Сараево се дели на антагонистички етнички и религиозни табори и се подготвува за војна,, вели дете од мешан српско-хрватски брак, “изјавив дека ќе се зачленам во партијата на муслиманите”.

Тој зема учество во првите демократски избори во Партијата на Југословените на Анте Марковиќ во надеж за изборен успех и шанса неговата партија да делува смирувачки меѓу назабените националистички партии. Освоивме три проценти од гласачкото тело, вели Бреговиќ, и тоа беше мојот прв и последен политички ангажман после кој целосно се посветив на музиката.

Од интервјуто разбирам дека еден од главните активисти на Партијата на Југословените во тоа време бил Милорад Додик, денешниот српски ултранационалист на чело на Република Српска. Прашан од Бреговиќ зошто ги сменил страните, и од либерал станал националист, Додик му одговора приближно вака: Кога на гласачите настојувам да им објаснам што е демократија, слобода, човекови права и правна држава, тие ме гледаат „бело“, но кога ќе кажам само еден збор “СР-БИ-ЈА”, следи громогласен аплауз. И почнува вистинско навивање!

Така, пред напливот на агресивниот национализам кој предизвика дотогаш невидени колежи во Европа од Втората светска војна наваму, „трите посто“ либерално настроени луѓе во Босна беа збришани од политичката сцена и секој се построи зад својот национализам.

Слична е судбината на сите оние кои во Југославија не му се придружија на националистичкиот навивачки хор за рушење на Југославија туку се залагаа за нејзино промислено трансформирање во сојуз на суверени држави. И за отклонување на злото кое беше во коренот на сите југословенски конфликти – мајоризација на побројната етничка група врз помалубројната.

Да, целта беше суверени држави со членство во ОН но по пат на зеднички договор кој ќе спречеше војна, ќе ја сочуваше целината на пазарот од 20 милиони и ќе не интегрираше во Европската Заедница релативно бргу.

Наместо тоа, сега, три и повеќе децении подоцна, зборуваме за прекугранична соработка на, до скоро, завојувани држави кои економски и политички се гушат во беда и авторитаризам и од кои масовно бегаат младите луѓе во потрага по среќа, затоа што тогаш нивните претци го изгубија умот и посегнаа по оружје и меѓусебно убивање. Бројката е спорна ама се движи кон 200,000 животи и милиони раселени.

Во Македонија, беспоговорниот политички авторитет беше претседателот Киро Глигоров. Надворешната политика беше целосно во негови раце и на негово инсистирање се најдов на позицијата министер за надворешни работи. Позицијата на Глигоров во сферата на надворешната политика се зајакна уште повеќе со слабоста на македонската демократија која ги правеше своите први чекори после првите парламентарни избори. Неможноста да се формира влада во парламентот, му даде одврзани раце на претседателот да работи на формирање на експертска влада на чело со Никола Кљусев. Во нејзиниот состав се гледаше обидот на Глигоров за помирување, макар симболично, со политички опции кои беа репресирани во претходниот еднопартиски систем. Интелегентен и образован за светските настани, Глигоров се определи надворешната политика да ја водам јас, претставник на „трите посто“од гласачкото тело, ако и толку. Со такви ставови се претставивме пред Конференцијата за Југославија, ставови кои сосема соодветствуваа на глобалната еуфорија дека чукнал часот на демократијата во светот.

Денес знам дека „Меморандумот“ во кој ги изложив ставовите на Македонија никогаш не би поминал низ парламентарна процедура тогаш. Уште повеќе, верувам сум дека не би поминал и низ парламентарната процедура денес. Но, трескавичната трка со почетоците на етничките војни во Југославија и афирмацијата на новата македонска држава налагаа брзина која во услови на консолидирана демократија не би била можна. Во услови кога секојдневно гинеа луѓе, од претседателот и од мене како министер за надворешни работи, се бараше да се изјаснуваме во име на Македонија, и по неколку пати на ден. Со претседателот се разбиравме и без да зборуваме, така да се изразам. Напишаното и кажаното на Конференцијата од мене, го одобруваше свесен дека тоа е јазикот кој на Македонија и носи поени во Европа и во Америка.

Но тој јазик не минуваше лесно дома. Ме бранеше кога делегација министри од екпертската влада му дојде во кабинетот со забелешки за надворешната политика, во парламентот им реплицираше на пратеници во моја одбрана, се носеше и со забелешките од министри на „неговиот“ СДСМ за мојата „кукавичка надворешна политика“…

Но, како што објаснува Шекспир во „Кралот Лир“, кралот не е татко. На прагот на нашето членство во Обединетите нации, кога стана јасно дека целта е остварена, Глигоров мораше да го смени курсот. Зошто? Затоа што држава не се управува со „три посто“ од гласачите. Потребно е мнозинство. За да останам министер за надворешни работи јас морав да станам политичар и да се откажам од своите погледи. Тоа не го сакав. Бидејќи мојата мисија беше исполнета со нашето членство во ОН, решив да заминам назад на Правен факултет. Претседателот Глигоров, пак, мораше да продолжи да управува со новата независна држава, внимавајќи на волјата на мнозинството.

За кого навивам? Па јас сум играч во првата македонска репрезентација на теренот на меѓународната политика. За кого може да навивам? Само што, во меѓународната политика таквото прашање некогаш станува бесмислено. Како да ме прашате: За кого би навивал во случај на нуклеарна војна меѓу Америка и Русија?

Денко Малески

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close