Лавров во Скопје со времена дозвола: „Три часа пред и 72 часа по…“

0
107

Дадената дозвола не се однесува на членовите на неговата делегација кои исто така се санкционирани лица, што е изрично наведено во нотата-одговор на бугарската страна, соопшти бугарското МНР.

Од 9 до 12 часот денеска (28.11.) ќе се реализира генералната проба за одвивањето на посебниот сообраќаен режим што ќе се воведе утре и задутре заради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Последната дилема – дали на состанокот ќе учествува шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, е резрешена вчера, откако официјална Софија даде дозвола за прелет на Специјалната водухопловна единица „Русија“ преку нејзиниот воздушен простор.

„Врз основа на добиено барање од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, во својство на претседавач на ОБСЕ за 2023 година и организатор на 30-тиот состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје на 29 ноември – 1 декември 2023 година, за обезбедување дозвола за прелетување на делегациите за учество на претстојниот Совет на министри на ОБСЕ, МНР на Република Бугарија даде дозвола за реализирање на лет на Специјалната водухопловна единица ‘Русија’ преку воздушниот простор на Република Бугарија за спроведување на лет за транспорт на делегација за учество на меѓународниот форум“, соопшти бугарското МНР.

Во одговорот се наведува дека дипломатското овластување за прелет е од привремен карактер и е валидно 3 часа пред и 72 часа по назначениот датум и време на прелетување. Детали за датумите од временската рамка не се објавени.

„Дадената дозвола е дадена за учество на состанокот на Советот на министри на ОБСЕ во Скопје на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров и спаѓа во исклучоците од примената на режимот на санкции на ЕУ против него. Дадената дозвола не се однесува на членовите на неговата делегација, кои исто така се санкционирани лица, според важечкото право на ЕУ, што е изрично наведено во нотата-одговор на бугарската страна“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Нема средба Блинкен – Лавров
Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан вчера потврди дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе ги претставува САД на состанокот на ОБСЕ во Скопје. Министерот за надворешни работи Бујар Османи уште минатата недела најави дека Блинкен ќе присуствува на неформалната вечера на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, која на 29-ти ноември ќе биде приредена во скопски хотел. Но, со оглед на тогашните неизвесности, не можеше да каже дали на истата ќе присуствуваат и рускиот и украинскиот министер, односно дали ќе им се поклопат термините на престој, што зависи од нивните агенди.

Лавров, кој пред неколку дена во контекст на можно доаѓање во Скопје изјави дека „имале неколку барања за состаноци, вклучително и од западни претставници“, без да прецизира од кои, најверојатно нема да се сретне со Блинкен во Скопје. Ова, според регионални медиуми кои се повикуваат на руската новинска агенција Тас, го изјавил рускиот заменик министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, кој нагласил дека Вашингтон не побарал состанок, „нема да го побара и нема да има состанок“.

Текстот во целост на: dw.com