Толпа радосни луѓе собрани пред Бранденбуршката порта ноќва, една минута после 24 часот, запалија „џоинти“ и на тој начин го поздравија стапувањето во сила на новиот закон кој го декриминализира канабисот.
Неколкуте стотици видно расположени момчиња и девојки, од кои многумина танцуваа на звуците на реге музиката, чекаа со високо подигнати запалки за, откако часовникот ќе отчука полноќ, да ги запалат цигарите со марихуана.
Огромен лист марихуана ја красеше бината пред знаменитоста во Берлин.
„Конечно можеме да се покажеме. Не треба повеќе да се криеме“, рече Хенри Плотке, член на Германското здружение за коноп (ДХВ).
За него новиот закон е „олеснување“, бидејќи повеќе не се смета за криминалец.
Пушењето канабис на многу јавни места станува легално од 1 април. Според законот, секој на возраст од 18 години може да чува до 50 грама дома и да носи најмногу 25 грама надвор.
Пушењето „трева“ е дозволено онаму каде што не е изрично забрането. Забрането е на игралишта, во училишта, спортски објекти, вклучително и фудбалски стадиони, објекти за деца и млади и на 100 метри од влезот во овие објекти.
Во Германија со години беснее жестока дебата за декриминализацијата на канабисот. Групи лекари изразуваат загриженост за младите луѓе, а конзервативните политичари велат дека либерализацијата дополнително ќе ја поттикне употребата на дроги.
Симоне Борхард од опозициската конзервативна ЦДУ изјави пред Бундестагот дека владата инсистирала на својот „целосно непотребен, збунувачки закон“ и покрај предупредувањата од лекарите, полицијата и психотерапевтите.
Но, министерот за здравство, Карл Лајтербах, рече дека сегашната ситуација повеќе не е одржлива бидејќи бројот на потрошувачи на возраст меѓу 18 и 25 години е двојно зголемен во последните 10 години.
(Фото: Џон Мекдугал / АФП)