ЗНМ: Новинарот Салиу да биде ослободен, а МВР да го образложи приведувањето

Случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања, бара ЗНМ

ФОТО: Принтскрин IN7.tv

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара полицијата да внимава да не се повредат правата на новинарот Фуркан Салиу, а политичките партии да не го користат неговото апсење во своите дневно политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.

Реакцијата на ЗНМ следува откако проструи веста дека новинарот на порталот „ИКС“, Фуркан Салиу, заедно со неговиот колега снимател попладнево се упасени за време на фудбалски натпревар во селото Коњаре – настан за кој МВР се уште се нема официјално произнесено.

„Непосредно по оваа објава, следеа неколку сензационалистички наслови од медиуми, кои се блиски до политички партии, кои шпекулираат разни основи за притворање на новинарот Фуркан, а притоа се повикуваат на наводни полициски извори.

ЗНМ и ССНМ апелираат случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.

Пред малку беше објавена информација на портал ‘ИКС’ – онлјан медиумот во кој Фуркан Салиу е основач и уредник. Уредничкиот тим на медиумот информира дека денешниот акт на специјалната единица против новинарот Салиу е целосно диригиран и претставува обид за притисок врз слободното новинарство што го практикува портал ‘ИКС’“,

се вели во реакцијата на ЗНМ.

Член на семејството на новинарот Салиу за „360 степени“ рече дека тој заедно со неговиот снимател го следел фудбалскиот натпревар при што полицијата тргнала да апси младо момче. Салиу им се спротивставил и почнал да ги прашува зошто го прават тоа, по што бил совладан и приведен, вели нашиот соговорник.

Тој во моментов е во полициска станица, но во семејството не знаат во која.

Од Министерството за внатрешни работи официјално за „360 степени“ кажаа дека ќе ги проверат наводите за апсењето и подоцна ќе се произнесат.

Извор од МВР за „360 степени“ рече дека Салиу е приведен затоа што „физички ги нападнал полицајците” што се смета за напад врз службено лице.

Видео од приведувањето може да погледнете овде.

- Реклама -