Пред неколку месеци тимот на арно.мк (Бранко Прља и Владимир Карер) тренираше вештачка интелигенција за ликот на Горан Стефановски. Резултатите се споделени тука.
Денес ги споделуваме нашите резултати со тренирањето на вештачката интелигенција за ликот на Петре М. Андреевски. Забележавме дека присуството на ликот на овој легендарен наш писател на интернет е штуро. Неговото дело „Пиреј“ го овековечило духот на македонскиот народ, зарем така треба да му „вратиме“? Се работи за (наводно) еден од најпопуларните наши писатели, за него се користат големи зборови како „доајен на пишаниот збор“ (титула која означува најстар или најугледен член), но на интернет не можат да се најдат дури ни квалитетни негови фотографии! Постојат неколку уметнички дела со неговиот лик, и тоа благодарение на неговата внука Воскресија. Штура и недоволна застапеност во кибер-просторот.
Идејата на арно.мк е дека во македонскиот дигитален простор од визуелен аспект има недостаток од домашно креативно производство. Ако сакате да искористите слика од некој наш познат деец за ваш креативен производ, каков и да е, ќе се соочите со вистински проблем. Едноставно нема доволно материјали. Нашите напори се во таа насока и, според нас, тоа е дел од борбата за дигиталниот идентитет на Македонија.
Ако се решите да бидете дел од таа борба, тука можете да ја видите постапката за тренирање модели со помош на вештачка интелигенција. Постапката е споделена од Небојша Гелевски – Бане (тим Кома Лаб). По нашиот јавен поттик за тренирање модели со ликови од македонската историја, Бане ги има направено моделите на Гоце Делчев, Кочо Рацин и Блаже Конески.
Во тренирањето двата тима имаат користено Dreambooth, модел за генерирање на длабоко учење.
Поради извесни технички проблеми со Dreambooth тимот на арно.мк не успеа да генерира други модели. Тие проблеми се надминати со употреба на Leonardo.ai.
Уште еден алтернативен метод е аплоадирање слика во Stable diffusion или во Midjourney и користење на „prompt“ (наредба од клучни зборови кои и кажуваат на вештачката интелигенција што треба да направи). Овој метод има ограничени способности и создава слики кои не се далеку од оригиналот, не може да има големи разлики во експресијата и гестикулациите, и има ограничена креативност. Освен тоа, ликот најчесто не наликува на оригиналот.
Исто така тренирањето преку Dreambooth и Leonardo.ai дава поинакви резултати. Според нас, првиот метод е подобар, но потежок за совладување. Leonardo.ai е многу полесен, ги зачувува резултатите од сите проби за корисникот и има одличен алгоритам за „upscale“ кој не ја зголемува само резолуцијата на сликата, туку и ја подобрува од креативен аспект. Познато е дека сликите генерирани со помош на вештачка интелигенција имаат проблеми со очите и рацете на ликовите. “Creative upscale” во Leonardo.ai го решава овој проблем, пример:
Подолу ги споделуваме нашите резултати од тренирањето на ликот на Петре М. Андреевски со Leonardo.ai. Не заборавајте да ги погледнете и претходните резултати со тренирањето на ликот на Горан Стефановски со помош на Dreambooth, кој според нас има поголема креативна слобода и инвентивност. Тренирањето и изборот го спроведе тимот на арно.мк (Бранко Прља и Владимир Карер).
Интересни се посебните случаи каде што вештачката интелигенција произведува реалистични фотографии на ликови кои не постоеле претходно или кога со ист „prompt“ се добиваат сосема различни резултати:
За да се регистрирате на Leonardo.ai потребно е да побарате пристап и по извесен период (најверојатно) ќе ви биде одобрен. За логирање го користите истиот мејл со кој сте аплицирале. Среќно експериментирање!