Свет
(Видео) Пратеник во ЕУ пушти гулаб во знак на мир
Словачки пратеник во Европскиот парламент денеска привлече внимание со пуштање жива птица од говорницата по својот говор. Како што рече, тоа го направил во знак на мир во светот.
На збунетост и изненадување на присутните претставници во Стразбур, Мирослав Радачовски, лидер на десничарската партија Словачки патриот, посегна во чантата што ја имаше под јакната и го пушти гулабот да одлета во собраниската сала.
Тој рече дека „сака мир за целиот свет, за Русите и Украинците“.
„Би сакал да го ослободам овој гулаб како симбол на мирот, да симболизирам дека на Европа ѝ треба мир. Да оставиме овој гулаб да нѐ обедини сите“, рече Радачовски.
Сепак, иако сакаше да ги обедини присутните, некои ги згрози.
Каролин Руз, француска пратеничка во Европскиот парламент од редовите на зелените, го критикува велејќи дека користел живо животно за да даде политичко мислење, што е спротивно на правилата на парламентот.
„Тој употреби животно, скриено во неговата торба како едноставен предмет, само за да даде изјава за мир денес. Што ќе направите за да го вратите ова животно, господине? Каде е благосостојбата на животните во гестот на овој говорник? Сметам дека ова е апсолутно неприфатливо“, рече Руз.
Додека птицата леташе во салата, друг колега го праша Радачовски: „Можеш ли да ја фатиш“.
Јан-Кристоф Отјен, заменик-претседател на парламентот, рече дека инцидентот ќе биде пријавен кај претседателот на домот, додавајќи: „Се надеваме дека животното ќе биде добро“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Убиство и самоубиство во Бјеловар, Хрватска
Во Бјеловар, Хрватска во семејна куќа се пронајдени две починати и едно тешко повредено лице, кое е префрлено во болница. Најверојатно се работи за насилна смрт, а според неофицијални информации, мажот ја убил мајката на неговата жена, а се обидел да ја убие и сопругата која е тешко повредена.
Напаѓачот, според првичните инфрормации се самоубил.
Хрватската полиција засега не ги потврдува неофицијалните информации дека се работи за убиство и самоубиство.
Полицијата дојавата ја добила околу 10 часот, а на местото се врши увид.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.
Свет
Русија нема сила повторно да го нападне Киев, изјави Зеленски за АФП
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.
Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.
Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.
„Русите можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право“, вели Зеленски.
Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.
„Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина“, истакна Зеленски.