Литванскиот МНР повика на протерување на руските амбасадори од сите членки на ЕУ

СПОДЕЛЕТЕ

Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис ги повика земјите-членки на Европската унија повеќе да не бидат домаќини на руските амбасадори.

Додека растат дипломатските тензии меѓу балтичките земји и Москва поради руската инвазија на Украина, Ландсбергис им рече на новинарите за време на посетата на Рига, главниот град на соседна Летонија, дека „не е од корист да се има руски амбасадор во европска престолнина“.

Руските амбасади „во повеќето случаи веќе не се дипломатски институции, туку пропагандни институции кои кријат воени злосторства и генерално промовираат геноцидна агенда“, оцени тој.

Литванија го намали нивото на дипломатските односи со Москва и го протера рускиот амбасадор во април 2022 година, по масакрот во украинскиот град Буча.

Минатата недела Естонија објави дека го протерува рускиот амбасадор како возвратна мерка, откако Кремљ го прогласи естонскиот амбасадор за персона нон грата.

„Го почитуваме принципот на реципроцитет во нашите односи со Русија“, соопшти тогаш естонското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека рускиот амбасадор треба да си замине во исто време како и неговиот естонски колега, на кого Москва му го постави 7 февруари како краен рок за напуштање на руската територија.

Летонија, третата балтичка држава, најави дека поради солидарност со Естонија ќе го протера и рускиот амбасадор и ќе го повлече својот амбасадор од Москва.

МИА

- Реклама -