Православните христијани го слават Велигден – пораки за единство, просперитет и почит еден кон друг

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваа воскресенски литургии.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

Дел од функционерите учествуваа на литургијата во Соборниот храм, од каде упатија пораки за заедништво и просперитет. Дел од функционерите пораките ги испратија преку социјалните мрежи.

Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Заедничкото добро, е благословена човекова определба, и тоа може да се постигне само ако се почитуваат основните постулати на кои упатуваат бројните примери низ историјата“, порача Талат Џафери.

Да споделуваме, да пружиме рака, да шириме добра мисла и љубов и да му се радуваме на животот. Велигден, како празник на надежта, нека донесе благосостојба и сплотеност во нашите срца за сите, независно на која вероисповед припаѓаат“, вели Јован Митрески.

Пораки упатија и кандидатите за претседател на државата, Стево Пендаровски кој е актуелен претседател и Гордана Силјановска Дакова.

Да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество во кое ќе има место за секого бидејќи, секој човек, независно од етничката, верската, јазичната, социјалната, политичката или која било друга припадност – е наш ближен“, вели Стево Пендаровски.

Патот ни го покажува Христос, тоа е патот на љубов, добрина, на почит. Мислам дека треба да го следиме. Јас сум решила тоа да го правам и ќе продолжам се разбира“, вели Гордана Силјановска Давкова.

На велигденската литургија во соборниот храм присуствуваше и градоначалниката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Да им посакам да се сакаме, да се почитуваме, да имаме обзир еден кон друг, да бидеме хумани и солидарни, да покажуваме грижа еден кон друг секој ден во годината“, вели Данела Арсовска.

Според Светото предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца.  Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат Христос воскресе – вистина воскресе!