Нашиот Волкановски е прв на светската ранг листа на ММА спортисти, а во Македонија никој не знае за него!

Дали знаевте дека имаме шампион со македонско потекло во најголемата светска ММА организација UFC? И не само тоа. Волкановски е прв на листата на „Pound-for-Pound“ ММА спортисти! Тоа е толку големо постигнување во ММА што кога би бил во првите 10 е фантастично, а тоа што е на врвот на оваа листа е повеќе од неверојатно.

Веќе пишувавме за Волкановски и упативме апел кон домашните медиуми, како и надлежните институции да се залагаат за поддршка на овој врвен спортист со македонско потекло. Тој самиот ретко јавно споменува дека е со македонско потекло, но со домашната поддршка тоа може да се смени и тој да стане амбасадор на Македонија во светот.

Степски „Волк“ од нашите шуми

Нашиот „Волк“ има низа од 22 победи, без ниту еден пораз, од кои 12 се во UFC, а последниот пораз му е во далечната 2013 година. Такво постигнување е монументално во светот на ММА каде што спортистите напредуваат секојдневно и поразите се многу почести отколку во боксот. Едноставно постојат многу повеќе варијабли и начини да се победи и изгуби.

Освен тоа, тој имаше 3 настапи и победи во последните 9 месеци, нешто што шампионите ретко го прават, со намера да го задржат шампионскиот појас и бенефициите од него подолго.

Волк со неговиот татко со потекло од Беранци (Македонија),
извалкан со крвта на противникот на синот и со типично македонско ташниче на рамото
Волкановски против Холовеј, 3 дел

Последниот настап на Волк во UFC 276 против поранешниот шампион Макс Холовеј во нивната трилогија беше маестрален приказ на ММА на највисоко ниво. Покрај него Холовеј изгледаше како аматер.

Да се потсетиме дека пред само една година Холовеј го нарекуваа „суперчовек“ кога против Келвин Катар изведе 445 значајни удари, што е неверојатно. Тој е првиот ММА спортист кој успеал да зададе преку 3.000 удари во неговата кариера. Неговата прецизност и вештина се неприкосновени. Сепак, против Волкановски немаше шанси.

На почетокот на натпреварот Алекс почна со невидено темпо и многу силни удари. Тоа беше по малку загрижувачки особено зашто Макс е познат по неговата „тврда глава“ и никогаш не бил нокаутиран во неговите 25 натпревари.

Освен тоа Алекс во текот на првите рунди не престана да му зборува на Макс и да се фали со тоа колку е подобар од него. Сето тоа значеше едно – Алекс има „мува на капата“ и сака да му покаже на Макс колку е подобар. Тоа не се чинеше како добар тактички потег во натпревар од 5 рунди и голема шанса за замор.

Но, и покрај тоа, Алекс не ја изгуби силата, брзината, техниките функционираа. И не само тоа, неговата прецизност се зголеми во последните рунди.

Како што кажа Џо Роган, Александар Волкановски имаше вистински „виртуозен настап“.

Што потоа?

Во конференцијата по настанот, Волк изјави дека ја скршил раката во втората рунда. Неговите следни намери се да оди една категорија погоре и да го предизвика шампионот таму. Ќе видиме колку повредата ќе го одложи тоа. Се работи за навистина опасен чекор, особено поради висината и дометот на Волк. Шампионот во таа категорија, Чарс Оливера, е вистински опасен ММА спортист со 11 победи во низа над легенди во спортот.

Но, и Макс Холовеј во неговите последни 16 натпревари во перо лесна категорија бил победник против сите освен против Волк! А листата на неговите противници се сите од највисокиот ешалон на УФЦ. Останува да видиме.

Од друга страна, ако Оливера изгуби од Ислам Макачев (протеже на познатиот Хабиб Нурмагомедов), тогаш нештата се сосема поинакви и опасни на поинаков начин.

Што вели Македонија за нашиот шампион?

Овој пат се чини дека реакцијата на медиумите е подобра. Во првите 24 часа по борбата веста за него е пренесена 16 пати. Поголем дел од медиумите се спортски, како ИПОН, СуперСпорт, Спортски, ТопСпорт, Дерби, Спорт1, Екипа, СпортМедиа, Спортманија и други.

Тоа што не е добро е што медиумите се фокусираа на веста дека го победил Холовеј „со скршена рака.“ Тоа по малку асоцира на скечот на К-15 кога Цацко раскажува тепачки филм и неколку пати споменува дека едниот „му ја скршил кичмата“ на другиот.

Таквото постигнување е за почит, но не е неверојатно, всушност е многу често ММА спортистите и боксерите да скршат рака во шампионските мечеви и да победат и покрај тоа (на памет паѓа Камару Усман, Роберт Витекер и други). Она што е неверојатно се статистиките на Волк и неговото место на UFC ранг-листата.

Од општите медиуми веста ја пренесоа само Офнет и Слободен Печат и МКД. Се чини дека едно вакво постигнување би требало да биде на сите насловни страници во Македонија, но за жал не е.

Колку за споредба, со едноставно пребарување на името на Стипе Миочиќ, на Vecernji.hr, како водечки портал за разни вести во Хрватска, откриваме дека има 65 страници посветени на него, т.е 650 вести! За потсетување Миочиќ е Американец со хрватско потекло кој бил шампион во UFC во тешка категорија со најмногу одбрани на титулата, што е навистина тешко во таа категорија. Но тука постојат две значајни разлики, прво тој никогаш не бил прв на „Pound-for-Pound“ листата и второ, многу често се претставува во јавноста со шаховницата.

Владата, агенцијата за спорт и сите други надлежни институции би требало да го поканат Волкановски во Македонија и да го споменуваат неговото име во секоја прилика. Во спортот на ММА постигнувањата како неговото се ретки, краткотрајни и времето мора да се искористи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *