Свет
Израел ја нападна Сирија: „38 лица загинаа во Алепо, меѓу кои и членови на Хезболах“
Повеќе цивили и војници загинаа откако Израел и милитантните групи започнаа напади врз северниот сириски град Алепо, соопшти утрово сириското Министерство за одбрана.
Израелските воздушни напади беа насочени кон неколку области околу Алепо околу 1:45 часот по локално време, се вели во соопштението на Министерството.
Во израелските напади врз сирискиот град Алепо во петокот рано наутро загинаа 38 лица, меѓу кои пет членови на либанската милитантна група Хезболах, изјавија два безбедносни извори за Ројтерс.
Нападите се совпаднаа со нападите со беспилотни летала изведени од градот Идлиб и западниот рурален дел на Алепо, за кои Министерството рече дека биле извршени од „терористички организации“.
„Нападите резултираа со смрт и голем број ранети цивили и војници и предизвикаа материјална штета на јавен и приватен имот“, се наведува во соопштението за медиумите.
Министерството не го прецизираше точниот број на загинати или не појасни дали жртвите се резултат на напади на израелска или милитантна група. Вчера две лица беа повредени во израелски воздушен напад во регионот околу сириската престолнина Дамаск, се наведува.
Израелската армија одби да ги коментира наводите за напади. Според Ројтерс, од нападите на Хамас врз израелските цивили и војници во октомври минатата година, Израел ги ескалирал нападите врз, како што тврди, упоришта на милициите поддржани од Иран во Сирија. Ја погоди и воздушната одбрана на сириската армија и некои сириски сили.
Израел со години извршува слични напади во Сирија, каде што влијанието на Техеран се зголеми откако почна да го поддржува претседателот Башар ал Асад во граѓанската војна што започна во 2011 година. Борците поврзани со Иран, вклучително и Хезболах, сега имаат контрола над огромни делови од источна, јужна и северозападна Сирија и неколку предградија околу главниот град.
Израел и Хезболах разменуваат оган преку израелско-либанската граница откако изби војната во Газа, што е најголема ескалација од едномесечниот конфликт во 2006 година, потсетува агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелски тенкови влегоа во Рафа, стигнаа до станбени области
Израелски тенкови денеска навлегоа подлабоко во Рафа и стигнаа до станбени области, проширувајќи ја офанзивата кон тој град на крајниот југ на Појасот Газа, каде што претходно побегнаа повеќе од милион луѓе.
Израелските меѓународни сојузници и хуманитарни групи постојано го повикаа Израел да не го спроведува најавениот план за копнена офанзива во Рафа, предупредувајќи дека тоа ќе доведе до уште полоша хуманитарна катастрофа.
Катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани денеска предупреди дека израелските операции во Рафа доведоа до ќорсокак на мировните преговори.
Израел најави дека ќе започне офанзива во Рафа и покрај противењето на неговите сојузници, тврдејќи дека операцијата е неопходна бидејќи во областа има уште четири баталјони на Хамас.
„Тенкови утрово напредуваа западно од патот Салахудин, во населбите Бразил и Јнеина. Тие се на улиците во населената област и има тепачки“, изјави еден жител за Ројтерс.
Израел пред една недела издаде предупредување до жителите да го напуштат источниот дел на Рафа, а во саботата додаде уште неколку зони.
Свет
Рој оси нападнаа израелски војници во Газа, некои добија по стотици убоди
Израелските одбранбени сили соопштија дека 12 војници биле повредени кога биле нападнати од рој оси во јужниот дел на Појасот Газа.
ИДФ вели дека инцидентот се случил во петокот кога тенк ненамерно удрил во осарник, што ги вознемирило инсектите.
Војниците биле пренесени во медицинскиот центар „Шеба“ во Тел Хашомер, каде што еден е сместен на интензивна нега.
Од болницата велат дека никој не е во опасност.
„Војници со тенк згазнаа на осарник. Осите искасаа 11 војници, кои беа евакуирани за да добијат медицинска помош“, соопшти ИДФ.
Инцидентот во Појасот Газа се случи за време на операција предводена од Јужната бригада во пограничниот регион спроти заедницата Нирим во Израел.
Од Медицинскиот центар „Шеба“ наведуваат дека некои од војниците имале и до сто убодни рани и дека тоа е ситуација со која медицинските работници досега не се соочиле.
Свет
Путин ќе ја посети Кина, ќе се сретне со Шји Џјинпинг
На почетокот на својот петти мандат, рускиот претседател Владимир Путин оваа недела ќе отпатува за Кина во својата прва странска посета.
Се очекува лидерот на Кремљ да пристигне во Пекинг в четврток на покана на кинескиот претседател Шји Џјинпинг и ќе остане до петок, пренесе кинеската државна новинска агенција „Ксинхуа“, а јави германската ДПА.
Изборот на Кина за негова прва дестинација по реизборот во март ги нагласува блиските врски меѓу двете нуклеарни сили и постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Откога Москва ја почна својата инвазија на Украина во 2022 година и воведувањето на западните санкции, Русија е во голема мера меѓународно изолирана.
Сепак, Кина не го осуди нападот и зазеде неутрален став.