Жестоко лондонско дерби: Тотенхем се бореше до крај, но пресуди класата на Арсенал

Арсенал останува до крај во трката за титулата во Премиер-лигата откако „топчиите“ стигнаа до уште еден многу значаен триумф славејќи со 2-3 на тешкото гостување против Тотенхем. Избраниците на Артета одиграа маестрално прво полувреме во кое водеа со 0-3, Тотенхем се врати, но гостите сепак успеаја да го издржат завршниот притисок и да стигнат до посакуваните три бода со кои сега имаат плус четири бода, но и два меча повеќе во однос на Манчестер Сити.

Интересно е што Тотенхем имаше многу повеќе од поседот на топката во првото полувреме, но сепак Арсенал замина на одмор со убедливи 0-3. Првиот погодок за Арсенал всушност беше автогол, откако Хојбјерг реагираше несмасно по корнерот на Сака и ја затресе сопствената мрежа. При 0-1 Тотенхем имаше две одлични шанси, при првата Ромеро од три метри биеше во дирекот, додека во втората Ван де Вен постигна гол што со ВАР беше поништен поради минимален офсајд.

Казната стигна на спротивната страна, најпрвин Сака круниса еден одличен контранапад за предност од 0-2, пред Каи Хаверц да зголеми на 0-3 по корнерот на Деклан Рајс. Тотенхем во 45. минута создаде уште една стопроцентна шанса, но Сон од идеална позиција шутираше високо над гредата.

„Топчиите“ делуваа во целосна контрола во второто полувреме се до големата грешка на голманот Раја, кој му ја подари топката на Ромеро, а Аргентинецот на Тотенхем без проблем од работ на шеснаесетникот ја смести во мрежата.

Тотенхем пред крајот намали и на 2-3 со пеналот на Сон откако Рајс направи прекршок во сопствениот шеснаесетник, но тоа беше се што домаќините успеаја да сторат на овој суперинтересен натпревар.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...