Во однос на исплатата на девизниот додаток, односно додатокот за подобрување на животниот стандард во странство, за кој лекторите кажаа дека не го добиваат редовно секој месец, од Универзитетот велат дека ова прашање е во надлежност на МОН
Откако лекторите на 11 македонски лекторати во светот се пожалија оти се изземени од последните покачувања на платите на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои уследија со потпишувањето на Колективниот договор меѓу УКИМ и Собранието, од Универзитетот велат дека овој акт не е донесен само од нив, туку е усогласен помеѓу универзитетскиот синдикат и парламентот.
Според овој договор, како што велат од УКИМ во писменото соопштение, коефициентот за пресметка на платите на лекторите е понизок од оној на доцентите оти условите за избор на лектор и доцент не се еднакви.
Од Универзитетот додаваат дека до Министерството за образование и наука (МОН) е испратен допис со кој се бара смена на коефициентот за пресметка на плата за лектор во Законот за високото образование, како што е во Колективниот договор за високо образование и наука, каде што коефициентот на лектор е на ниво на доцент.
„Треба да се има предвид дека целиот текст на Колективниот договор на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, вклучително и коефициентот за плати е усогласен помеѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија, односно не се работи за акт донесен само од Универзитетот“,
велат од УКИМ во писменото соопштение.
Во однос на исплатата на девизниот додаток, односно додатокот за подобрување на животниот стандард во странство, за кој лекторите кажаа дека не го добиваат редовно секој месец, од Универзитетот велат дека ова прашање е во надлежност на Министерството за образование и наука.