Силјановска: Во војската мора да има хиерархија, да ги почитуваме стандардите на НАТО


 

Кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова вечерва од Прилеп повика Македонија да се грижи за исполнување на стандардите на НАТО, што е парадокс бидејќи партијата што ја предложи не сакаше да бидат направени уставните измени од Преспанскиот договор за да влеземе во Алијансата. Силјановска додаде дека во војската мора да има хиерархија, што е чудно бидејќи тоа е основниот услов за нејзино функционирање.

Таа уште рече ако има жени на клучни функции во државата и Армијата ќе има поголеми гаранции за мир.

„Претседателот е врховен командант на вооружените сили. А вооружените сили се бранителот на територијалната независност и интегритет на Македонија. Во војската мора да има ред! Во војската мора да има хиерархија! Во војската мора да има стандарди! Особено мора да ги почитуваме НАТО стандардите бидјеќи сме членка на сојузот! Меѓутоа ако и таму има политизација и партизација, ако нема доволни жени на клучни позиции, тогаш мислам дека прашалникот е голем. Зошто жени? Бидејќи и јас како и сите жени, сум горда и знам дека во сите области можеме да внесеме нешто ново. А важно е бидејќи главните жртви во сите војни се жените и децата. Кога има жени во Армијата и на клучни фукции, на клучните позиции во државата, тогаш има поголеми гаранции за мир“, рече Силјановска-Давкова.