За 23 години, во земјава изгореле 2,5 милиони кубни метри шума

21

Шумските пожари секоја година зафаќаат значителна територија од државата, особено најчесто гори Југоисточниот Регион. Тоа го потврдуваат и статистичките податоци, според кои од 2000 до 2021 година, во 4.811 пожари изгореле вкупно 2.495.835 кубни метри шума и била опожарена површина од над 201 илјада хектари.

Најцрна година според бројот на пожари била 2007, кога во 652 пожари изгореле 35.248 хектари шума. На пример, ако во Пелагонија, во 2012 година, била опожарена површина од 779 хектари, во 2018 таа достигнала 2.010 хектари, што е речиси два и пол пати повеќе.

Токму овие поразителни бројки беа анализирани на четвртата работилница од Програмата за управување со пожари на ниво на предел и беше посочено дека се потребни системско дејствување, поефикасни одговори, подобра превенција и подготвеност за справување со ваквата состојба.

Како дел од слабостите во управувањето со овие пожари се посочуваат: тешко достапните природни области, непостоењето ефикасна меѓуинституционална комуникација и координација, недоволната имплементација на законските одредби, непочитувањето на законите, недоволните ресурси за спроведување на мерките за противпожарна заштита, бавното решавање на кривичните или прекршочните постапки, недоволните човечки ресурси за управување со пејзажните пожари, недоволната техничка опрема, миграцијата на населението (внатрешно село во град), пироманијата и намерното палење земјиште заради економска корист и недоволниот број доброволни противпожарни единици.

Извештајот укажува и на: немањето закон за оџачари во земјава, на невклученоста на сопствениците на приватните шуми во управувањето со пејзажните пожари, на отсуство на национален план за управување со пејзажните пожари, на совпаѓањето на законските надлежности на институциите, како и на отсуството на унифицирана методологија за собирање податоци за пејзажните пожари.

Како еден од проблемите што беа истакнати е и немањето доволен број експерти за управување со пожари, практичари и истражувачи.

– Извештајот јасно ги детектира слабостите на системот и дава насоки за подобрување на состојбата и за изготувување национална стратегија, како патоказ врз кој ќе се водат идните политики за заштита од пожари. Климатските промени ја зголемуваат веројатноста за интензивни пожари на ниво на предел, загрозувајќи ги екосистемите, ризикот за животот на населението и пределите од кои егзистираат луѓето – истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.