ТЕРА

REKLAMA???

ДОДЕЛЕНА НАГРАДАТА „ПЕГАЗ“ НА БИТОЛЧАНКАТА ЈОВАНА МАТЕВСКА АТАНАСОВА

Свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2023 година и промоцијата на победничкиот роман – „Риба во(н) мрежа“ од авторката Јована Матевска Атанасова се одржаа во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“, се обрати жирито во состав: Николина Андова Шопова, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, Ивана Трајаноска, писателка и универзитетска професорка, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.

„Риба во(н) мрежа“ е роман за млади, кој на хумористичен начин им пристапува на темите што ги допираат современите тинејџери, нивната зависност од мобилните уреди, мултилингвалноста како феномен на Генерацијата З и нивната зачуденост пред реалниот свет. Според жирито, „Риба во(н) мрежа“ се приближува до светските трендови за пишување литература за млади и би можел да го поттикне односниот жанр во македонската културна средина и да постави одреден стандард на кој би се надоврзале идните автори на литература за млади.

Јована Матевска Атанасова изјави дека оваа награда е највисоко достигнување во нејзината досегашна работа.

Дејствието е сместено во македонскиот Ерусалим, Охрид, градот што дише во тактот на историјата и религијата, во обид да се постави паралела помеѓу сегашниот свет оддалечен од реалноста. Романот е напишан и на јазикот на возрасните и јазикот на децата, јазикот на невиноста и јазикот на созревањето, јазикот на емотиконите и азбуката.

Уредничката на книгата, а воедно и член на жирито, Бисера Бендевска, рече дека „овој роман го проветрува македонскиот книжевен простор, неагресивно внесува модерност во корпусот за млади читатели, а истовремено се поклонува и се надоврзува на поставените темели од претходниците, затоа што само на тој начин се воспоставува континуитет и се постигнува правилен развој во една национална книжевност“. Конкурсот за наградата „Пегаз“ за 2024 година е во тек и ќе биде отворен до 1 јули.