Мицкоски: Човек со план… за статус-кво

Лани во јануари, само еден месец пред руската инвазија на Украина, германската министерка за надворешени работи, Аналена Бербок беше во Москва во обид да го спречи она што изгледаше како неминовно. И да го предупреди нејзиниот домаќин, искусниот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, кој тогаш полнеше 18 години на тоа место, за консеквенциите ако Русија влезе во крвава и уништувачка авантура.

Кога излегоа со скаменети лица на прес-конференцијата, Лавров можеби се сеќаваше на настан од една година претходно, кога искористи слична прес-конференција во Москва за да го брутализира и понижи шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, нарекувајќи ја ЕУ „недоверлив партнер“ додека тие стоеја заедно и објавувајќи вести за протерувањето на тројца дипломати на ЕУ од Русија, фаќајќи го Борел целосно неподготвен. Прес-конференцијата со Бербок беше во целосен контраст, особено поради сенката на војната што се надвиснуваше. Борел тогаш изгледаше нерасположено и надвор од баланс, но покрај Бербок, Лавров беше тој што изгледаше малку уморен. Пристигнувајќи на говорницата, тој гласно воздивна, намести вештачка насмевка и почна со познатите забелешки.

Нив веќе ги знаевме – за улогата на НАТО, Западот не ги исполнува барањата на Москва за безбедносни гаранции; „Ние не му се закануваме никому, но слушаме закани против нас“, неисполнетиот договор Минск 2. На тоа Бербок, меѓу другото возврати – „има 100.000 руски војници мобилизирани на украинската граница без разбирлива причина. Тешко е да не се гледа ова како закана“.

За време на сесијата за прашања и одговори, Лавров продолжи со поплаките во кои го обвинуваше НАТО за „двојни стандарди“. Бербок смирено даваше концизни, остри одговори. На крајот, таа ги собра своите белешки, ја стави маската на лицето и тргна кон Лавров, кој изгледаше дека очекува некаква благодарност или гест како поздрав. Наместо тоа, таа едвај го погледна кога помина покрај него, се сврте и излезе низ вратата.

 

Ни за милиметар

Веројатно тешко ќе дознаеме што му рекла Аналена Бербок во четвртокот на Христијан Мицкоски и вмровската свита на големата маса во резиденцијата на германскиот амбасадор. А уште помалку кога таа на терасата разговараше со Мицкоски и потпретседателот на партијата, Александар Николоски. И какво било збогувањето.

Пораките што ги испрати јавно Бербок беа очекувани, иако во нив имаше една деликатност да не изгледаат како уцена. Тие беа многу слични, па дури и исти со она што го зборуваше Жозеп Борел една недела претходно – дека уставните измени се услов-без-кој-не-се-може ако Македонија сака да оди понатаму со интеграцијата во ЕУ. Така, најзагадочниот дел од посетата, всушност, беа нејзините разговори со вмровската свита.

Дел од нив станаа појасни за време на интервјуто на Мицкоски со Гоце Михајлоски на Канал 5. А потоа тие експликации беа повторени како лист од гештетнер утредента. И од него и од Николоски. Особено сентенцата „нема да отстапиме ни за милиметар“.Слично како и Лавров, и Мицкоски зборуваше за двојни стандарди на ЕУ – едни биле кога во 2004 беа примени 10 нови членки во ЕУ, а потоа во 2007 и Бугарија и Романија, а други сега, кога е во прашање Македонија. Во голем дел тоа е така и јасно е зошто е така. Пред големиот биг-бенг со источноевропските држави, ЕУ имаше 16 членки, политичкиот моментум беше поинаков, правилата за пристапување полесни, а и робусниот Германец Гинтер Ферхојген беше комесар за проширување. Од тоа сега има многу малку. ЕУ е во огромна мерка променета, нејзиното функционирање е посложено, компромисите се помачни, уцените се почести, исто како и блокадите. Се разбира, тоа не е оправдување за децениското тормозење на Македонија, но тоа е ситуација врз која никој не може да влијае од Скопје. Па макар бил и најдобриот дипломат или политичар. Нема веќе црвени теписи, а уште помалку европски егзалтации за новодојденците. Оној што тоа не го гледа или не сака да го види е или кратковид или има политичко слепило. Или, во основа, не сака неговата земја да влезе во ЕУ. Умешноста е како да го најдеш патот за излез од таа „злокобна шума“ и конечно да се стоплиш во европската соба.

Работите во политиката најчесто се брутално едноставни – поголемите, повлијателните, помоќните секогаш ги притискаат властите во одредена земја кога треба да се прифати нешто што е поширок интерес. Опозицијата тука може да биде во улога на секундант. Некогаш потребен, а некогаш одвишен. Не е во прашање дали нејзините ставови се поисправни или поиздржани, туку клучниот момент е дали таа може да испорача во моментот кога ги нема полугите на власта. Зошто европската квинта + САД преговараат со Александар Вучиќ, а не со српската опозиција? Или со Албин Курти, а не со неговите косовски политички ривали. Нема потреба од објаснување.

 

Големата болка

Тука е една од болките на Христијан Мицкоски. „Зошто тие што го правеа францускиот предлог не нѐ прашаа нас, ако веќе тоа не го направија нашите. Партнерството е двонасочна улица. Ние да почитуваме, но и да бидеме почитувани. Бараме малку почит“, му зборуваше Мицкоски на Михајлоски.

Потоа претстави еден геоцентричен план од три столба – национален, политички и економски. Првиот чекор за тој негов план биле предвремени избори. „Ако тој план што го нудам биде прифатен од ЕУ, апсолутно ќе доведе до преговорите“, рече тој. На прашањето на Михајлоски – „А што ако не биде прифатен?“, Мицкоски го даде овој одговор: „Ако не, тогаш немаме партнер во процесот“. За потоа да дообјасни: „Ако не биде прифатен мојот план и трите столба во него, јас немам намера да прифатам уставни измени под овие услови. А дали тоа ќе значи стопирање на пристапувањето или ќе значи план Б, тоа не зависи од мене, туку од тие таму што доаѓаат овде“. Додавајќи уште оти „тие не сакаат да гарантираат дека Бугарија нема да побара нешто друго од историски причини“.

Последниве три години во Бугарија се води една жешка дебата која е поделена со јасна линија – дека едни политички сили сакаат промена во општеството, уморено од корупција, неефикасност на судството и потрошени политички елити; а на друга страна се оние кои од петни жили се обидуваат да го зачуваат статус-квото. Во кое најдобро функционираат. Пресликувањето на македонски услови би било не само неблагодарна работа, туку и многу невнимателна.

Но ако тргнеме од вчерашните зборови на Мицкоски дека во разговорите со Бербок „не слушнав доволен број аргументи со кои би ме убедиле да го променам својот став“ и дека „овој парламент нема мандат за уставни измени под бугарски диктат“, би можело да се изведе заклучок дека вмровскиот лидер се вкопува во ровот каде што се сите „херои“ што сакаат статус-кво. И уште додаде: „Подготвени сме тој план веднаш по изборите да го ставиме на располагање пред дипломатите на ЕУ“.

Кога би можеле да го стават на располагање тој план? Последната понуда на Мицкоски за предвремени избори е јуни оваа година. Ако нема тогаш, според неговите зборови, беспримерно би било на такви предвремени избори што ги бара веќе три години, да се оди наесен, туку било најдобро тие да се спојат со претседателските идниот април. Премиерот Димитар Ковачевски во неколку наврати изјави дека парламентарните избори ќе бидат во регуларниот термин (во 2020 се одржаа во јули), веројатно сакајќи да го искористи францускиот модел (претседателски и два месеци подоцна парламентарни избори) за да може максимално да ја искоисти евентуалната победа на кандидатот на СДСМ. Ако Ковачевски истрае во тој негов план, следната влада би се формирала во август или септември 2024 година. Кој ќе победи, а кој ќе формира влада тешко дека сега би можело да се даде одговор. Оној што ќе победи не мора да значи дека ќе собере доволно пратеници да го состави новиот кабинет.

Во мај 2024 година се изборите за Европскиот парламент. Составувањето на Европската комисија може да трае со месеци, како што беше во 2019, па евентуалната влада на ВМРО-ДПМНЕ би им го претставила својот план на европските дипломати дури некаде пред новата 2025. Во најдобар случај. И ако тргнеме од зборовите на Мицкоски дека неприфаќањето на неговиот план „не зависи од мене, туку од тие таму што доаѓаат овде“ Македонија длабоко ќе навлезе во темниот облак на статус-кво од кој ништо не може да се гледа. А што ако планот на Мицкоски не добие верификација на изборите овде и неговата партија да не ги добие изборите? Или да ги добие, а да не може да формира влада. Дали и понатаму би ги блокирал уставните промени, ако проевропската структура нема 80 пратеници?

Некој ќе рече дека Македонија загуби многу години што од наивност, што од инает, па вреди да се почека уште две, три, четири години. А можеби и повеќе. Затоа што честа на народот е поголема од сѐ друго. Само што еден важен дел од граѓаните мислат дека честа на народот се брани на друг начин. На политиката и политичарите не можеме да им одземеме да се борат за нешто за што мислат дека е исправно. Мицкоски мисли дека одржувањето на статус-квото е подобра варијанта од некакво наводно „предавство“. Во интервјуто на Канал 5 тој рече: „Кога работите ваква работа треба да оставите трага во историјата и како таа ќе ве споменува“. Кој не би сакал историјата да го запишува како визионер. Но, да си споменеме само малку на Николо Макијавели и неговите зборови: „Не сум заинтересиран за зачувување на статус-кво; сакам да го соборам“.

Љупчо Поповски

Извор: ДВ

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close