Екс-министерот за надворешни работи и претседател на невладината „Солуција“, Никола Димитров го искажа својот став за колективната трагедија во Македонија и целата состојба со коруптивниот систем. Димитров е дециден дека „очигледно стариот пат на замижување пред корупција, на “мој човек”, на партиски вработувања и услуги, на институции што служат на лични, партиски или бизнис наместо на јавни интереси, води кон нов крвав пораз“. Бара вистински да се обединиме како народ за првпат и да се заложиме за воспоставување на нов систем заснован на ред и на одговорност.
-Прво, да престанеме да навиваме да не нѐ биде. Не може да навиваме институциите, државата не само да потфрлат, туку ако треба и да пропаднат само затоа што во моментов не се водени од “нашите”. Ова е голема болка на македонското општество и со истово сме се соочувале и во минатото, можам да ви раскажувам од лично искуство. Просто е неверојатно колку луѓе навиваат за порази и грешки. Ајде за промена да навиваме за успеси, па макар тие да одат на контото на политичките “противници”, истакна меѓу другото Димитров на социјалните мрежи.
Според него, потребно е да им „дишеме во врат“ на надлежните, силно да критикуваме кога грешат, но да ги поддржиме кога гледаме дека си ја работат работата.
-Како што медиумите и здравствените работници си ја работеа работата во овие ужасни денови, а богами и јавното обвинителство. Како што владата навремено го вклучи европскиот систем за цивилна заштита, истакнува екс-министерот и додава дека граѓаните имаат право на мирно собирање.
-Но, ако тоа собирање е во функција на политички агенди, на промена на власта за да дојдат “нашите”, нема ништо да направиме. Нашата шанса е во сојуз и притисок, владата и сите институции, да издржат и да испорачаат правда и функционален систем. Овде на тест се граѓанството – да препознае и да отфрли обиди за киднапирање и Владата – да биде голема и да не притиска оправдан револт, порачува меѓу другото Димитров, истакнувајќи дека треба „да бидеме будни и да го чуваме интегритетот на поривот за системски промени, поучени од искуството со Шарената револуција“.