Општество
УБАВИОТ ЗБОР: Убавите луѓе
Тихомир Јанчовски | Авторот е писател
Економија и бизнис | печатено издание | 01 октомври 2024г.
Дојде есента. Време за отрезнување и одмор од претераноста на летото. И нели по младоста доаѓа зрелата доба? Наесен се берат плодовите и се гледаат какви се. Оти има прскани и непрскани, здрави и болни, а некои дрвја нема ни да родат плод. Нема да дадат род. А дрвото по плодот се познава. Живееме во време на прскани дрвја. Со само навидум здрави и убави плодови. Однатре често се безвкусни, однадвор правени како на калап. Паралелата со луѓето и со современите општества направете си ја самите. Нема што секому да цртам и да му објаснувам како на мало дете. А оние на кои не им пее пилето, не ни читаат вакви работи. Не се за јадење ни за пиење и од нив нема пари.
Речено е дека дрвото што не дава плод се сече и се фрла во оган. Вистина, залудно потрошениот живот е бесмислен, човекот кој не правел ништо, ни добро ни лошо, има опстанок кој е бесмислен.
Оние кои сакаат да го сменат светот на поарно − нема да го сменат светот на поарно. Светот е таков каков што е и луѓето се такви какви што се, нималку поарни од времето пред две, три или пет илјади години. Промените на поарно човек може да ги направи само во себе, можеби и во своите најблиски, ако го гледаат и го доживуваат како убав пример. И ако сакаат да се сменат. Сите општествени револуции се пропаднати револуции, резултираа со исходи еднакво грди и корумпирани, некогаш и полоши од она против што се кренати. Единствената можна револуција е внатре во човекот, во сферата на невидливото. Револуциите во материјалното се само промени на фасадата. Таа по извесно време старее, станува трошна и отпаѓа. Потоа доаѓа нов систем, некоја нова идеологија..., а она внатре, човештвото, продолжува да постои и да страда од последиците на својата падната природа отворена за злото и за изопаченоста.
Во што се состои таа промена? Просто е. Човек во еден момент кога ја сфатил сета празнотија на дотогашното свое постоење треба да одлучи да биде добар и да се држи до тоа. Добриот е и убав и во вистината. Сите што ја колнат судбината поради грдотијата што им е на лицата и ја гледаат и во околината се такви од отсуството на добрина и од што живеат во лага...
Барањето вина во другите и сметањето на себеси за подобар од сите е очигледен знак за душевно нарушување, за внатрешна поделеност или растројство. Првото го викаат шизофренија, второто има многу имиња. Живееме во свет кога огромен дел од луѓето се оштетени, во помала или во поголема мера, а здравите се малкумина и ги има сѐ помалку во пропорција со бројноста на населението на планетава. Не може светов да се претвори во болница, просто нема толку лекари ни персонал кои би можеле да лекуваат до оздравување. Останува можноста за самопомош, односно барање на лекот околу себе, чукање по врати во надеж дека ќе се отворат. И се отвораат ако човек е искрен во намерата да допре до смислата, да не остане заробен во изживувањето на страстите кои денес се кренати на олтари и оттаму се клештат кон оние што им се клањаат.
Навистина, луѓето не се лоши, во секого има барем трошка здравје и убавина. Или речиси во секого и на овие темели треба да ја гради зградата на својата иднина. Имаше еден јапонски поет кој беше напишал:
„Убавите нешта се убави, дури и грдите нешта носат нешто убаво во себе.“
Името му е Шунтаро Таникава и за оние кои не знаат тој беше и добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Една од ретките награди која според мене беше навистина заслужена. Оти наградите главно ги добиваат ловци на награди и нули од уметници. И кај нас и во светот. Шунтаро го доби венецот неодамна, во 2022 година, и не дојде во Македонија, беше премногу стар за да патува, а јас го запознав 2007 година кога беше дојден во Струга. Човек мудар, многу скромен и убав, се држеше настрана од навалици, од пијанки и од празни муабети, вистински поет каков што секој творец треба да биде.
И така. На темава, поттикнат од стиховите цитирани погоре, и јас си поиграв со зборовите и составив нешто како песна, и му ја посветив на јапонскиов поет.
Убавите луѓе
Убавите луѓе се убави.
Дури и грдите имаат нешто убаво во себе.
Некои убави жени се глупави,
Исто и некои мажи,
ги отапело премногу внимание
низ годините.
И таа убавина е празна.
Прегорува.
Нема на што да се држи.
Некои се такви, не се сите.
Има и прекрасни.
Сите се раѓаат со нешто убаво во себе
некои остануваат убави
други се разубавуваат
или огрдуваат
со годините.